Груевски ќе даде оставка пред 15 јануари

0
623

Премиерот Никола Груевски и денеска уште еднаш изјави дека ќе го почитува договорот од Пржино, дека ќе даде оставка пред 15 јануари, за да може тој ден да се избере влада со нов премиер предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

„Новата влада ќе треба да ги подготви и спроведе изборите. Кој ќе биде човекот што ќе биде претседател на Владата за спроведување на изборите, ќе се објави откако ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе одлука и таа одлука ќе биде јавно промовирана од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Груевски.

Премиерот додаде дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува сите обврски предвидени со договорот од Пржино.

За во јануари најавена е и посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој претходно, преку писмо испратено до лидерите на четирите политички партии, потписници на договорот од Пржино, изрази загриженост од нереализацијата на нивниот договор.

 На 11 јануари доаѓаат европратениците Ховит, Вајгл и Кукан. Неизвесно е дали Хан ќе дојде со нив или ќе дојде подоцна.