Груевски му врачи Орден на Република Македонија на Џорџ Буш

0
497

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски вчера на гала вечерата на организацијата Македонија 2025, му го врачи Орденот на Република Македонија на Џорџ Буш, 43-тиот претседател на Соединетите Американски Држави.

Премиерот Груевски истакна дека заради големиот придонес на поранешниот американски претседател Буш во градењето на пријателските односи помеѓу Република Македонија и САД, тој го заслужува Орденот на Република Македонија кој го доделува претседателот на Република Македонија.

„Претседателе Буш, дозволете ми во име на Владата на Република Македонија, во мое лично и во име на сите македонски граѓани да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам за придонесот кој го имавте за стабилноста на нашата земја. Поддршката која ја дадовте за Македонија ја препознаваат и ценат денешните генерации на Македонци и истата силно ги зајакна темелите врз кои се градат односите помеѓу нашите држави. Во периодот кога бевте претседател, Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство. Би сакал да знаете дека признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД и личната поддршка која ја дадовте во текот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година ќе останат врежани во македонската колективна меморија“, истакна премиерот Никола Груевски при врачувањето на Орденот на Република Македонија на 43-тиот американски претседател Џорџ Буш.

Премиерот Груевски во оваа прилика ја реафирмираше значајноста на поддршката која САД ја дава на нашата земја.

САД претставуваат важен стратешки партнер за реализација на приоритетите од надворешната политика на Македонија. Односите на Македонија и САД се карактеризираат со отворен и континуиран дијалог, заснован на доверба и пријателство, истакна претседателот на Владата Груевски.

Тој ја потенцираше стратешката ориентација на нашата земја за спроведување на реформи со цел интеграција во ЕУ и НАТО, соопшти Секторот за односи со јавноста на Владата на Република Македонија.

Без коментари

LEAVE A REPLY