Груевски – Нема да дозволам украинско сценарио

0
567

Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за запирање на постапките против политичарите и нивните соработници е спротивна од нашите уверувања, оди во полза на СДСМ, но никој нема право да бира дали ќе прифати или ќе одбие да биде аболиран. Секој што направил криминал треба да одговара“, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој ги повика СДСМ и Зоран Заев да „престанат да организираат хулигани, кои ги напаѓаат полицијата, граѓаните и институциите и да собере храброст да се соочи со народот и да излезе на избори на 5 јуни“.

„Никој во партијата не се чувствува виновен и не сакал да има прекин на постапките за кои претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција. И покрај очигледното непрофесионално однесување на структурите на Специјалното јавно обвинителство и заземањето страна, во случајот директно ставајќи се на страната на СДСМ, убедени сме дека низ правна постапка ќе се покажеа вистината и фактот дека многуте кривични пријави поднесени против наши функционери и неколкуте отворени истраги се дел од кампањата на СДСМ, немајќи што да понуди на народот“, рече денеска Груевски.

„Го повикувам СДСМ, наместо да продолжи да бара алиби за да ги избегне, да излезе на изборите, а доколку аргументите кои ги говорат се реални, народот сигурно ќе им го вреднува тоа. Ваквите поделби, омраза, гнев, реваншизам, насилство нема да не’ одведат никаде. Во изминативе два дена гледаме агресија, насилство, вандализам и нескриена намера за продлабочување на кризата и нов стадиум на конфликтност во Македонија од страна на претседателот на СДСМ. Додека неговите луѓе организираат насилство кон полицијата, кон граѓаните и институциите, тој во јавноста, како што сме навикнале да го гледаме ладнокрвно, како и во други прилики, повикува на конструктивност. Но, веќе во следната реченица говори за ‘украинско сценарио‘. Сакам да му се обратам: Додека стојам, нема да ти го дозволам тоа, ниту јас, ниту народот. И самиот си свесен дека народот сака да заврши кризата. Престани да ги организираш хулиганите да го реметат мирот на граѓаните. Собери еднаш храброст и излези да се соочиш со народот на фер и демократски избори. Доста бараш изговори“, порача Груевски обраќајќи му се на Заев.