Груевски: Заев не е загрижен за развојот и напредокот на општините

0
334

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржува во Струмица пред присутните граѓани истакна дека остануваат уште само неколку дена и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне.

Никола Груевски на граѓаните им порача дека нивната одлука е многу важна и конечна бидејќи тие го имаат последниот збор.

-Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и села и за иднината на нашата држава. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда. Нашата љубов е заедничка со нашиот народ. Нашата љубов е заедничка со нашата земја. Ние сме партија на граѓаните на Македонија и ние сме гаранција за силна Македонија, посочи Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека во изминатиот период од пет месеци се видела катастрофалната економска политика од владата.

-Имаме преполовени капитални инвестиции од буџетот што влијае на пад на економијата. Индустрија која оди надоле, градежништво кое тоне. Странски инвеститори кои планираат да си заминат, а нови нема. Извоз кој опаѓа, девизни резерви кои секој ден се топат. Просечни плати кои наместо да растат опаѓаат. Пензии чие зголемување е укинато. Ова е сликата за денес. Сиромаштија која расте, а граѓаните ја губат сигурноста. Афери кои се случуваат на дневна основа. Тендери кои си се делат на луѓето од власта. Ветуваат воздух и живот, ама така апстракно, несуштински, ветар и магла. Колата тргна надоле. Ова допира и влијае на сите граѓани. Ова се однесува на судбината на секој од вас. Се работи за нашата држава, посочи Груевски.

Тој ги повика сограѓаните, оние кои гласаат за СДСМ за се придружат кон напорите на ВМРО-ДПМНЕ, да се обединат за посилна Македонија.

 

Без коментари