Грузија не „спушти на земја„ во нашиот најлош меч на шампионатот

0
458

Македонија – Грузија 75:90 (18:21, 19:27, 18:23, 20:19)

 

Одлучувачкиот натпревар за пласман во осминафиналето, Македонија го дочека многу подобро и физички и ментално за разлика од Грузијците, кои со скор 0-3 мораа да се вадат на последните две средби. Но „црвените„ подобро го почнаа мечот и со добра игра во одбрана, брзо го принудија Самарџиски на лични грешки и Србиновски на тајм-аут при 3:9 во 4 минута. Македонија цели 6 минути беше без кош од игра, а за тоа време нашиот противник побегна на +12. Дури по влегувањата на Трајковски и Костовски, почнавме да играме комбинаторно и намаливме на 11:21 во 8 минута. Благодарение на две тројки во последната минута, првата четвртина ја завршивме со подносливи 18:21. Но шутерите на Грузија беа порасположени и Маркошвили и Пулен погодија од дистанца за 20:31 во 12 минута. Откако противникот ни побегна на -15, Хендрикс и Војдан Стојановски беа инспиратори на нашата серија од 12:3 и се вративме на -6 во 16 минута. Но тројката на Саникидзе со звукот на сирената на крајот од вториот период, ги одлепи нашите противници на +11. Нашата конфузија во играта предизвика смешни технички грешки и на крајот од третиот период, Пачулија и другарите имаа огромни 16 разлика. Нашиот тим ниту се доближи во последниот период, туку играта ни се распадна, почнавме да солираме и Пачулија со 23 поени во 34 минута, го принуди Србиновски на тајм-аут при 63:81. Ниту теоријата за враќање во мечот не ни помогна и загубивме убедливо со 75:90. Во грузиската репрезентација во која се функционираше, се издвои Пачулија со 23 поени, а Маркошвили постигна 18. Во нашата репрезентација Дамјан Стојановски и Хендрикс со по 14 поени беа најефикасен, а Бојан Трајковски додаде уште 13. Утре од 15:00 часот против Словенија, Македонија ќе мора да брка победа за пласман во осминафиналето.