Хаг пресуди: Шешељ не е виновен

0
316

Хашкиот трибунал денеска го ослободи српскиот ултра националист Воислав Шешељ од сите девет точки на обвинението за злосторства против човештвото и за поттикнување етничко чистење во Хрватска, БиХ и Војводина. Одлуката беше изречена без негово присуство пред судот, што е преседан за овој трибуналот.

Воислав Шешељ беше обвинет пред повеќе од десет години за поттикнување убиства и етнички прогон во неговите подбуцнувачки говори како лидер на Српската радикална партија.

Според обвинителите, Шешељ, кој за време на режимот на Слободан Милошевиќ беше заменик министер, покренал своја војска на волонтери кои ги индоктринирал со отровни идеи и ги испратил да вршат злосторства со цел создавање етнички чиста Голема Србија.

Шешељ беше во притвор откако му се предаде на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија во 2003 година. Тој се бранеше сам и постојано ги отфрла обвинувањата.

Шешељ, кој има рак на црниот дроб, беше ослободен во ноември 2014 година.

Но, четири месеци подоцна судиите му наредија да се врати, оценувајќи дека тој ги прекршил условите за негово ослободување со тоа што им кажувал на неговите приврзаници дека никогаш нема да се врати во Хаг.

Тој на 10 март пред Специјалниот суд за воени злосторства во Белград ги запали знамињата на ЕУ и на НАТО.

„Браќа и сестри, јас нема да одам доброволно и ќе ја користам секоја можност, секој момент да му нанесам политичка и морална штета на Хашкиот трибунал“, изјави Шешељ пред неколкуте десетици симпатизери пред Специјалниот суд за воени злосторства во Белград.

Пред да ја изречат пресудата против него, судиите го ослободија од обврската да се врати во Хаг со образложение дека му е неопходен медицински третман кој ќе му биде недостапен таму.