Хајндл замина, Ахмети ја покрена иницијативата за Собранието

0
507
По средбата на политичките лидери со Хајндл кои се одржуваа во германската амбасада во земјава со конкретни одговори излезе челникот на ДУИ Али Ахмети кој ја потврди иницијативата за повторно свикување на Собранието за да се поништи одлуката за распишување на изборите на 5 јуни.
„Во однос на изборите на 5 јуни сметаме дека не би било добро да се одржат во поглед на имиџот на нашата земја. Исто така изнесовме гледиште како може да се врати во функција Собранието. Штом повторно ќе заседава Собранието многу други прашања ќе се отворат. Го информиравме амбасадорот дека ги преземаме сите мерки“ – вели Али Ахмети, лидер на ДУИ.
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи рече дека тоа сепак не е идеја на Ахмети, туку дека е договор на лидерите на четирите политички партии и како таква ќе биде доставена. Според него, Пржинскиот договор е мртов и е потребен нов.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак не сакаше да даде изјава и рече дека ќе достават соопштение.
Во кусото соопштение за средбата со Хајндл се наведува дека на средбата се разговарало за модалитетите за свикување на собранието и одложување на изборите, како и за начинот на поништување на одлуката на Иванов за аболиција.
„СДСМ останува посветена на процесот за враќање на слобдата, демократијата и правдата во Македонија. Интересот на Македонија и на сите нејзини граѓани е оваа криза што побрзо да заврши и земјата да зачекори кон сигурна и подобра иднина. Во Македонија може и мора да има слободни, фер, демократски и регуларни избори за што е неопходно исполнување на сите услови.“
Хајндл  имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по што исто така беше издадено соопштение од партијата во кое беше наведено дека на средбата било разговарано за актуелната политичка состојба и дека партијата е посветена на изнаоѓање решенија за излез од кризата. Инаку, разговорите на германскиот посредник со лидерската четворка се толкува како активно вклучување на Берлин во решавањето на политичката криза во земјава.