Хакерите ja загрозилe тајноста на 4 милиони службеници на агенции на САД

0
178

Во голем кибернетички напад кој ја загрозил тајноста на податоците на четири милиони сегашни и поранешни службеници на сојузните служби во САД, хакерите продреле во компјутерите на владините агенции кои чуваат лични податоци за службениците на сојузните служби, а истрагата испитува дали напаѓачите се од Кина, изјавија американски функционери.

Во последниот од серијата упади во информатичките системи на сојузните агенции на САД, Бирото за чување на личните податоци на вработените (OPM) го претрпело, според сé судејќи, едно од најголемите нарушувања на доверливоста на податоците за сојузните службеници. Ова биро ги складира досиејата за вработените, како и податоците за нивните права на пристап до доверливите податоци.

Неименуван извор од безбедносните сили на САД за агенцијата Reuters изјавил дека се верува оти зад нападот стои „странски ентитет или влада“. Властите ја испитуваа можноста за поврзаност со Кина, рекол извор близок на истрагата. Од американското Федерално биро за истраги (FBI), пак, рекле дека покренале своја истрага, како и дека имаат намера да дојдат до одговорните.

Во OPM во април забележале активности коишто го загрозуваат неговиот компјутерски систем, а Одделот за национална безбедност на почетокот од мај заклучил дека е нарушена тајноста на податоците на агенцијата, како и дека се загрозени податоците за четири милиони службеници. Агенциите, притоа, не прецизираа до какви видови информации хакерите дошле.

Кинеската амбасада во Вашингтон во четвртокот, одговарајќи на медиумските извештаи дека зад големиот кибернетички напад врз компјутерите на владата на САД стои Кина, изјави дека е „неодговорно и контрапродуктивно“ да се избрзува со заклучоците.

Портпаролот на амбасадата, Жу Хајкуан, изјави дека Кина преземала големи напори во спречувањето на кибернетичките напади, како и дека следењето на таквите настани преку кинеските граници е сложен процес. „Брзањето со заклучоците и изнесувањето хипотетички обвинувања е неодговорно и контрапродуктивни“, изјавил Жу во електронската порака за Reuters.

Американската влада подолг период наназад искажува загриженоста поради информатичка шпионажа кражби зад коишто според неа стои Кина, и побара од Пекинг да стори повеќе за да ги спречи тие појави. Кина ги отфрли досега сите обвинувања од САД. Официјален Вашингтон сé уште не излезе со коментар по најновиот кибернетички инцидент.

Хакери од Кина минатата година беа обвинети за пробивање во компјутерската мрежа на американски OPM, а според американските медиуми се чин дека трагале по документација за десетици илјади вработени за кои е барана дозвола за пристап до доверливи податоци, пишуваше The New York Times, повикувајќи се на неименуван американски функционер./крај/мф/сн

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax