Хан: Слободата на медиумите на Балканот предизвикува голема загриженост

0
124

Состојбата со слободата на медиумите на Балканот предизвикува голема загриженост која бара итно внимание, останува точка на особена загриженост за Европската комисија, особено прашањето на владиното мешање и закани против независноста на јавните радиодифузни сервиси, изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

„Се соочуваме со важни предизвици кои мора итно да бидат адресирани“, рече Хан во своето видео обраќање на регионалната конференција за медиуми на БИРН во Сараево.

„Покрај владиното мешање, повеќе напори мора да се посветат и на политичката и финансиска независност на регулаторните тела, како и на поефективно функционирање на саморегулацијата“, рече Хан.

Европскиот комесар рече дека ќе продолжи да ги притиска владите во регионот да остваруваат прогрес.

„Постои потреба да се справиме и со неформалниот економски притисок врз медиумите. Ова вклучува транспарентност на сопствеништвото врз медиумите и спречување на прекумерната медиумска концентрација. Не помалку важна е и транспарентноста при владиното рекламирање“, рече Хан.

Еврокомесарот потсети дека слободата на изразување и слободата на медиумите се во центарот на евроинтеграцискиот процес.

„Слободата на говорот, како и информирани и професионални медиуми се неопходни за едно демократско општество. Тие се неопходни за граѓаните да можат да одлучуваат за иднината на земјата“, рече Хан.

„Без нив, јавноста не може да ги процени различните опции, ниту да донесе заклучоци за лидерите. Без нив, се остава простор за растење на опасни предрасуди и погрешни перцепциии кои можат да ги поткопаат шансите за мир и стабилност“, рече тој.

Регионалната медиумска конференција со наслов „Предизвици за медиумската слобода“, се одржува како дел од прославата на десетгодишнината на БИРН.Раководниот тим на БИРН, како и медиумски експерти, се собраа во босанскиот главен град за да дискутираат за клучните предизвици кои се однесуваат на овој сектор.На конференцијата беше усвоена и листа со препораки до владите на Балканот чија цел е унапредување на положбата на медиумите во регионот./крај/мф/

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax