Хендикепот ја направи силен борец

0
615

„Го знаете ли чувството како е да сте поинакви од другите? Чувството кога не можете да трчате и да играте како сите нормални деца? Мојата животна приказна е токму таква и би сакала да ја раскажам на сите“. Вака започнува книгата „Победничка“ на 16-годишната Викторија Пенова, која денес ја промовираше својата прва книга во Битола. Викторија боледува од ретка болест, поради која има тежок физички хендикеп. Во книгата ја опишува нејзината борба со секојдневието и борбата околината да ја прифати.

-Оваа книга е моја автобиографија, почнувајќи од животот како мала, како се соочив со болеста, како се борам со општеството. Има проблеми со кои се соочувам, на пример, кога луѓето не ме прифаќаат. Би сакала тоа да се смени, вели Викторија Пенова, автор на книгата „Победничка“.viktorija 1

За нејзината болест, фибродисплазија осификанс, засега нема лек, ниту терапија. На луѓето со оваа болест мускулите им се претвораат во коски и тие не можат да се движат нормално.

-Јас сфатив што значи болеста некаде кога имав 10 години, потоа почнав да истражувам повеќе за болеста. Имам контакт и разговарам со лица кои ја имаат истата болест, тогаш ми е полесно, вели Викторија.

Книгата ја издаде „Дата Песнопој“ од Битола. Тргнаа со промоција од Битола затоа што книгата е тука печатена, но во план е промоција и во други градови.

-Кога ќе се прочита книгата, веднаш се гледа дека се работи за силен борец, знаеме во животот со што се судрувала, дека може да застане рамо до рамо со здравите, вели Илија Мерковски, Дата Песнопој Битола.viktorija

Викторија се надева дека ќе и се исполни желбата да напише уште книги. И како што вели на крајот од книгата, ќе продолжи да се бори, гордо, со крената глава, горда што може да ја раскаже нејзината приказна.