„Хјуман рајтс воч“ ја обвини македонската полиција за бруталност

0
139

МВР демантира, тврдејќи дека се однесува кон илегалните мигранти согласно сите меѓународни конвенции.

Дваесет и седум мигранти, меѓу кои и три деца, изјавиле дека македонски полицајци ги малтретирале при апсењето на граница, дека биле физички малтретирани, навредувани, и под закана биле водени во меѓуграничниот појас и приморувани да се вратат назад, се вели, меѓу другото во Извештајот на организацијата „Хјуман рајтс воч“, под наслов „Како да не сме луѓе“ (Полициска бруталност врз мигрантите и барателите на азил во Македонија), објавен денес на сајтот на организацијата.

Извештајот се заснова на резултатите од теренското истражување кое е спроведено во Македонија од 18 до 27 јануари годинава, низ поголем број интервјуа (64 детални разговори со жртви и сведоци на полициско насилство меѓу мигрантите, но и разговори со официјални лица од надлежни државни институции), во времекога се уште не беа донесени измените на Законот за азил, со кој, во јуни годинава, на бегалците и мигрантите им беше дозволено во рок од 72 часа да поднесат барање за признавање на правото на азил и користење на јавнио превоз при транзитот низ Македонија.

Во извештајот се истакнува и дека дури деветмина мигранти тврделе во разговорите дека полицајците се делеле во две колони и ги терале да трчаат меѓу нив додека ги тепале со пендреци по грбот и по рацете и ги клоцале.

Министерството за внатрешни работи веднаш реагираше, демантирајќи го  извештајот на ХРВ. Според портпаролот на МВР Иво Котевски, „МВР и полицијата се однесува кон илегалните мигранти согласно сите меѓународни конвенции, односно, почитувањето на човековите права“. Котевски во изјава за порталот „Либертас“ повика „доколку има каков било сомнителен случај и јавно би апелирале да биде пријавен за да биде соодветно истражен“.

Според него, „без пријава, секое обвинување остава впечаток на несериозност и тенденциозност“. За наводите дека има и две анонимни интервјуа од полициски службеници, наводно сведоци на несоодветно однесување, Котевски јавно потсети дека „ако полициски службеник тоа не го пријави е многу сериозен престап и ако не станува збор за некаква тенденциозност и доколку има барем малку добра намера во извештајот, им стоиме на располагање на Хјуман рајтс воч да ги пријават и случаите и полициските службеници“.