Хјуман рајтс воч одбива да ги идентификува преговорите за името како напад...

Хјуман рајтс воч одбива да ги идентификува преговорите за името како напад врз правата на Македонците

0 275

Проблемот со името е меѓудржавен проблем и не е поврзан со човекови права, бидејќи државите не се тие што имаат човекови права, е одговорот на Хјуман рајтс воч на барањето на Македонското меѓународно движење за човекови права да ги осуди од Обединетите Нации спонзорираните преговори за името со цел да се смени името на Македонија.

Бенџамин Ворд, заменик директор на дивизијата на ХРВ за Европа и Централна Азија како причина го наведе следново: „Ја разбирам вашата загриженост во врска со прашањето за името, но бидејќи тој проблем, кој е всушност меѓудржавен спор, може да биде поврзан со последиците за човекови права што имаат влијание врз македонското малцинство во Грција (или на кое било друго место), не е според нас прашање поврзано со човекови права, бидејќи државите не се тие што имаат човекови права.

Името на државата е во директна корелација со тоа како се нарекува народот, вели претседателот на ММДЧП Бил Николов во одговорот до ХРВ.

Причината што Грција се спротивставува на името на Македонија е заради негирање на постоењето на македонскиот народ во целина, како и прогонување на македонското малцинство во Грција. Тие не сакаат некој тие луѓе да ги знае како Македонци, па името на државата директно влијае врз основните човекови права (и име) на целиот македонски народ. Тоа што го наведувате дека државите немаат човекови права е неприфатливо, затоа што ние зборуваме за луѓето во оваа држава, на кои што дури и етничкиот идентитет не им е прифатен“, вели Николов.

„Хјуман рајтс воч во минатото имаше големо влијание врз прашањата за македонските човекови права, а нивниот историски извештај од 1994 „Негирањето етнички идентитет – Македонците во Грција“ му помогна на сѐ уште непризнатото и прогонувано македонско малцинство да си ги објават своите маки. Како и да е, Македонците воопшто не беа спомнати во годишниот извештај на ХРВ од 2017 година, во делот за Грција, а останатите етнички малцинства беа само летимично спомнати. Во делот од извештајот на ХРВ за Србија/Косово, Македонците исто така не беа спомнати, а за Албанија и Бугарија воопшто немаше извештај од ХРВ“, соопштува ММДЧП.

Поради одбивањето да се осудат преговорите за името, Бил Николов на ХРВ им го потенцираше следново: „За жал, Грција се потпира на овие позиции со намера да го негира постоењето на Македонија и Македонците“.

„Како основа за негирање на Македонците и другите етнички малцинства и нивните човекови права, Грција употребува квази-аргументи. Според официјалната политика на Грција, македонското малцинство во Грција „не постои, но и кога би постоело…”, според нив „човековите права не можат да се применуваат колективно, туку важат само за поединци”. Грција дури и се осмелува да тврди нешто што е апсолутно неточно, а тоа е дека сите поединци во Грција уживаат „еднакви човекови права”. И уште тврдат дека со децении биле дискредитирани од страна на ОН, Европскиот суд за човекови права и од други организации што ги анализирала човековите права во нивната земја. За жал, сегашната позиција на ХРВ за прашањето за името, несвесно, спаѓа во категоријата на користење на семантиката како основа за негирање на човековите права на Македонците“, се вели во соопштението на ММДЧП.

Оваа организција на Македонците уште еднаш ја повика меѓународната заедница, оној поголем дел кои ја признаа Македонија под нејзиното вистинско име, да го преземат логичниот чекор и да побараат крај на преговорите за името. „Ваквите чекори би значеле и крај на, од ОН спонзорираниот напад врз Македонија и врз правата на Македонците за самоопределување, самоидентификација и најосновните човекови права“, соопшти Македонското меѓународно движење за човекови права.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.