Хрватите во Битола го одбележаа Денот на државноста на Хрватска

0
944

Преку концертот на машката клапа Праска од Подстрана, Хрватска и промоција на книгата и видео записот По трагата на хрватите во светот, на авторката Бранка Безиќ Филиповиќ, во Битола беше презентирана дел од хрватската традиција и култура.

По повод Денот на државноста на Република Хрватска, Македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола, во соработкa со хрватската матица на иселеници Сплит и битолскиот Завод и Музеј, традиционално и оваа година ја организираа манифестацијата за одбележување на овој ден.

Денот на државноста на Хрватска се одбележува во спомен на 25- ти јуни 1991 година, кога Хрватското собрание ја изгласа декларацијата за прогласување на самостојна и суверена република Хрватска.
Тоа е еден од позначајните датуми на хрватската историја, камен темелник на обнова на хрватската држава.
На свеченоста во Битола присуствуваше хрватската амбасадорка во Македонија, Данијела Баришиќ, која истакна дека ваквите манифестации придонесуваат за уште поголемо зацврстување на веќе одличната соработка и пријателство помеѓу двете земји Македонија и Хрватска.

Покрај претставниците на дипломатскиот кор на Македонија, на манифестацијата присутен беше и градоначалникот на општина Дуги Рат од Хрватска, Јерко Роглиќ. Благодарение на одличната соработка со МХД., Хрватски културен центар Марко Марулиќ, општина Дуги Рат минатата година потпиша меморандум за збратимување со општина Новаци, како и меморандум за збратимување на КУД.Илинден од Битола и КУД.Далмација, Дуги Рат.

Клапа Праска активно учествуваат во сите културни случувања на Сплит, Подстрана и регионот, како и на различни манифестации, хуманитарни случувања, ликовни и книжевни промоции а дел од нивното долгогодишно постоење на хрватска музичка сцена се и многубројните гостувања надвор од Хрватска на реномирани музички фестивали. Главната карактеристика на овој состав е обработката на старите далматински напеви, шансони, песни на препознатливиот “клапски” начин како изведба на познати хрватски песни.

Основани се во 2008 та година. Од минатата година водител на клапата е маестро Јасминко Шетка.

Манифестацијата во Битола беше во рамките на одбележување на над две децениско постоење на МХД, Хрватски културен центар Марко Марулиќ Битола.