Хрватска од изедначен прв дел, на крајот преубедливо не совлада

0
292

Хрватска – Македонија 73:53 (15:18, 15:14, 22:10, 21:11)

Македонија го претрпе вториот пораз на Евробаскетот во Загреб, откако по одличните први две четвртини, имаше значителен пад во играта во продолжението и квалитетната Хрватска тоа знаеше да го искористи (73:53). Нашите момци шутерски одлично го почнаа мечот и со тројките на Илиевски и Дамјан Стојановски, поведе со 7:8 во 5 минута. Перасовиќ забележа дека Македонија не се шегува и по серијата од 10:0, побара тајм-аут при -5. Самарџиски заврши лавовски дел од работата под двата коша, за на крајот од првиот период да заминеме со +3. Половина од вториот период им требаше на домаќините да стигнат до израмнување, со двете тројки на Рок Стипчевиќ. Со одлична одбрана на Самарџиски и Трајковски и вториот период го завршивме со водство (30:32). Со првите поени на Богдановиќ, дури во 24 минута, Хрватска се врати во водство (38:37). Шариќ и Томиќ ја продолжија нашата агонија за веќе високи 48:39 за Хрватска во 28 минута. Веројатно одлучувачкото одлепување, момците на Перасовиќ го имаа во последните моменти од третата четвртина која ја добија со +12, за 52:42 во пресрет на последните 10 минути. Сите наши обиди да спуштиме под 5 разлика, ги уништи Крунослав Симон и Бојан Богдановиќ со тројките за 59:46 во 33 минута. Како и со Грција од солиден отпор, на крајот доживеавме убедлив пораз од 73:53. Во хрватскиот табор четворица кошаркари имаа двоцифрен учинок, со Шариќ со 15, Богдановиќ со 13 и Симон со 11 поени. Кај Македонија Предраг Самарџиски одигра добар меч под двата коша и на крајот зад своето име запиша 10 поени. Утре од 18:00 часот против Грузија, момците на Србиновски го играат клучниот меч за пласман во осминафиналето.