Хрватска пред изборот на политичкиот курс

0
349

Хрватските гласачи денеска гласаат на уште едни парламентарни избори без јасен фаворит, на кои ќе се определат дали земјата ќе продолжи по либералниот пат или ќе скршне кон десно.
Главните конкуренти за гласовите на избирачите во еднодомниот хрватски парламент се владејачката Социјалдемократска партија (SDP) на премиерот Зоран Милановиќ и опозициската Хрватска демократска заедница (HDZ) која ја води поранешниот министер за внатрешни работи Томислав Карамарко. Првата произлегува од поранешната Комунистичка партија на Хрватска, а другата беше формирана на бранот на подемот на националните чувства и национализмот во 1989 година, во периодот на падот на комунизмот и распадот на Југославија и нејзините челници ја водеа земјата во текот на војните во поранешната заедница.

Предизборните испитувања на јавното мнение не дадоа јасна слика за желбите на хрватските гласачи. Доколку им се верува на оцените на хрватските политички коментатори, кои исто така генерално не укажуваат на изразена предност на ниту една политичка сила, малку подобри шанси за победа има десната опозиција, поради подобрата способност да го мобилизира електоратот. Сепак, сите аналитичари се согласни во оцената дека ниедна од двете големи партии нема да може самата да формира влада, и оти победникот за создавање на владејачка коалиција ќе мора да преговара со низата помали партии.

Во текот на предизборната кампања, кандидатите се трудеа да ја искористат миграциската криза како излез од острите и контроверзни теми и всушност не понудија никакви конкретни предлози за неодложните економски прашања, вклучително и намалувањето на големиот буџетски дефицит и јавниот долг. Така што целата кампања се сведе на прашањето „кој повеќе ја сака Хрватска“.

Вкупно во хрватскиот парламент – Саборот – има 151 место, по 14 пратеници се избираат од 10 изборни единици, а три мандата има дијаспората. Другите осум пратеници се резервирани за националните малцинства, а од нив три добива српското.

За пратеничките мандати се натпреваруваат вкупно 2.311 кандидати од 166 партии, коалиции, движења, здруженија….., додека на минатите избори во 2011 година имаше 313 субјекти.

Правото на глас ќе може да го остварат нето повеќе од 3,8 милиони гласачи, од 4,3 милиони жители. Избирачките места се отворени од 7 часот, а гласањето ќе заврши во19 часот по локално време. Првите официјални резултати од гласањето Државната изборна комисија ќе ги објави три часа по затворањето на избирачките места. Инаку, гласањето започна уште во петокот навечер, со гласањето на иселеништвото во прекуокеанските земји, и во сабота на гласачите во соседството и во Европа, како и хрватски граѓани кои во моментот се наоѓаат во странство но се навремено регистрирани за гласање, кое ќе продолжи и во недела. Во странство гласаат околу 36.000 луѓе, во 48 земји.

Новина во однос со претходните избори од 2011-та е гласањето според ткн преференцијален систем, при што избирачот може да гласа не само за листата како целина,туку, исто така, и за еден од кандидатите на таа листа. Овој систем на гласање веќе беше употребен во април 2013 година, на гласањето за хрватските претставници во Европскиот парламент. За политичките партии и коалициите изборниот праг за влез во Саборот изнесува 5 отсто./крај/мф/сн