И Битола на светската мапа за квалитет на воздухот

0
956

Нова интерактивна светска мапа ги покажува резултатите од мерењата на квалитетот на воздухот од 5.900 места блиску до илјадници градови низ целиот свет. Иницијативата за ваква мапа потекнува од Пекинг, еден од најзагадените градови во светот. Во Кина, секој ден умираат 4.400 луѓе од загаденост на воздухот, според последните истражувања од август.

Мапата ги сублимира информациите од 5900 извори кои доаѓаат од 8.000 станици за мониторинг на воздухот. Информациите на мапата се обновуваат на секои 15 минути, затоа информациите се во реално време. На обележаните места се покажува индексот на квалитет на воздухот, базиран врз критериумите на Американската агенција за заштита на животната околина, односно се мерат петте главни загадувачи на воздухот: озон, честичките, јаглерод моноксид, сулфур диоксид и азот диоксид. Квалитетот на воздухот е обележан со бои, од зелено што значи добро, до црвено што значи нездрава околина и секој може да има здравствени проблеми. Но над црвената граница има уште две екстреми, виолетовата многу нездраво и потемна црвена – опасно. За жал, има и вакви места обележани на мапата. Делхи е означен со опасно, а Сингапур со многу нездраво. Барем кога се работи за денешните концентрации. Ако се гледа мапата на светот, во Кина има најмногу црвени точки, во Европа има шаренило, но преовладуваат зелените и жолтите, а истото е и во Северна Америка.

На мапата се наоѓа и Битола. Може да се прочитаат и информациите во реално време од мерната станица Битола 2. Денес Битола беше означена со зелено, со индекс 20 во 10 часот утринава, што означува задоволувачки квалитет на воздухот. Се прикажуваат податоците од мерењето на ПМ 10 честичките, озон и јаглерод моноксид. Зелено беше и на останатите места со мерни станици во Македонија, освен во Тетово, каде имаше жолта боја, која означува прифатлив квалитет на воздухот, но одредена група луѓе можат да бидат чувствителни. Во опкружувањето, најблиска црвена точка денес беше Истанбул.

Мапата се уште не е комплетна. Мапата нема доволно податоци од Африка, Јужна Америка и Блискиот Исток.

Проверете ја мапата.

Без коментари

LEAVE A REPLY