И договорот од Пржино и Специјалното обвинителство висат!

0
986

Не можам да кажам дали договорот од Пржино е мртов. Остануваат деновите пред нас, да се димензионираат сите политики, на опозицијата, но и на власта, и согласно со тоа сите ќе можеме на крајот да извлечеме констатации и заклучоци, одговори вчера Зоран Заев, претседателот на СДСМ, на прашањето дали по нивната одлука за бојкот на изборите веќе не важи договорот од Пржино.

По оваа одлука на СДСМ се отвори и прашањето за постоењето и на Специјалното јавно обвинителство.

„Сѐ е можно во нашата Македонија. Никола Груевски и сѐ е можно. Остануваме да се бориме сите, рамо до рамо со целата демократска јавност. Секој патриот, секој верен поддржувач на слободата и демократијата знае дека без слободни избори не може да се дојде до таа толку посакувана слобода и демократија. Продолжуваме да се бориме без разлика на што сѐ е спремен овој автократски режим. Ние заедно со граѓаните ќе ја вратиме слободата и демократијата во Македонија“, рече Заев.

На прашањето дали министрите на СДСМ ќе учествуваат во организација на изборите што опозицијата не ги признава Заев одговори дека одлуката не зависи од нив, но дека тие ќе направат сѐ за тие да не бидат во влада што има намера да спроведе криминални избори.

За учеството на нивните членови во работата на Државната изборна комисија, Заев рече дека денеска ќе имаат состанок со нив и уште еднаш ќе ги разгледаат сите аргументи и факти и секако дека една од поизвесните одлуки е нивно повлекување, но „штом ќе ја донесеме одлуката веднаш ќе ве информираме“.

На прашањето „какви се шансите наредните денови да дојде до промена на оваа одлука и сепак да учествувате на изборите?“, Заев одговори: „СДСМ повеќе од еден месец повикува учество на 5 јуни на избори. И тоа е наша јасна определба. Ние го нарачавме целиот рекламен материјал за изборите, ја испечативме нашата програма, флаери, брошури во преку 500 илјади примероци. Ние сме комплетно организирани во штапски структури, три пати повеќе присутни сме на терен од ВМРО-ДПМНЕ. Но ако опозицијата не се бори за регуларни, фер и демократски избори, кој ќе се бори во оваа земја? Оваа борба да, е за власта да падне, бидејќи е автократска и режимска. Но без регуларни, фер и демократски избори, нема шанси Македонија, нема иднина Македонија. Секој момент кога ќе бидат исполнети условите за регуларни, фер и демократски избори, а тоа го заслужува секој граѓанин на светот, така и на нашата Македонија, опозицијата ќе оди на избори и ќе победи на тие избори“.

За контактите со ЕУ и НАТО Заев рече дека Унијата и САД и сите амбасадори што се присутни тука се водени од желбата да помогнат.

„Јас тврдам дека целиот дипломатски кор е со искрени намери кон нашата Македонија. Сакаат да помогнат. Но одлуките ги носат граѓаните, политичарите и политичките партии. Меѓународната заедница цел ден беше во контакти со опозицијата. Информирани се за сите детали. Сето тоа што беше на повидок се виде денеска преку отворената седница на ДИК. Без прочистување на избирачкиот список нема регуларни избори. Опозицијата не смее да си дозволи да учествува на нерегуларни избори“.

За евентуалното продолжување на проектот Вистината за Македонија, Заев рече дека сѐ што е дозволено со Уставот и законите, опозицијата ќе го употреби.

www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY