И како опозиција силно ќе работиме Македонија да добие преговори со ЕУ и членство во НАТО

0
549

ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција силно ќе работи Македонија да добие преговори со Европската унија и членство во НАТО. Оваа порака од Брисел денеска ја испрати претседателот на најголемата опозициска партија Никола Груевски, по средбата со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на 45-минутната средба во зградтаа „Берлемонт“ на Европската комисија, Груевски и Хан разменија мислења за актуелните политички случувања во Македонија со фокус за одблокирање на процесот на пристапување на земјата во Унијата.

– Денеска, по средбата со европратеникот Туне Келам се сретнав со комесарот за проширување Јоханес Хан. Со него разговаравме за состојбата во Македонија и за она што следува. Позиција на ВМРО-ДПМНЕ е дека е крајно време на Македонија да и се овозможи почеток на преговорите за членство во Европската унија, бидејќи направивме многу реформи во минатото, во сите сфери и сектори. Реформи нови секогаш ќе има. Тоа било и така ќе остане за секоја земја и во членките на ЕУ и во земјите што се надвор од ЕУ, но не може постојано тоа да биде изговорот зошто не се отвораат преговорите за членство. ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја предводеше направи крупни реформи. Тоа низ годините беше одобрувано пред да се направат и поздравувано откако се направија тие реформи, изјави Никола Груевски по средбата.

Според Груевски, тој на Хан му посочил дека треба да има епилог со почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, иако во текот на преговорите ќе има и нови реформи, бидејќи реформите се процес што никогаш не запира. Тој вели дека секогаш може да има нешто ново, да се исправи некоја слабост, нешто подобро да се обмисли и дека и по пет години и по десет, 20 и 50 години, едноставно секогаш ќе има нови реформи.

– По толку многу направени реформи, редно време е Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија и да се отстранат пречките. Исто така, наша генерална позиција е дека треба да ја добиеме и поканата за НАТО. Предолго време чекаме и предолго сме блокирани не заради реформите, бидејќи во 2008 година беше кажано дека Македонија ги направи реформите, а не беше поканета во НАТО. Но, темата со Хан беше за Европската унија, а не за НАТО ама јас ја кажав нашата генерлана позиција дек ае за членство и во ЕУ и во НАТО, додава Груевски.