И македонското и босанското обвинителство без одговор за вториот извештај за падот на „кингерот“

0
399

Има многу отворени прашања на кои обвинителствата на Македонија и на БиХ ќе треба да одговорат за авионската несреќа во која загина македонскиот претседател Борис Трајковски, изјавија пред една година членовите на меѓународната комисија која ја заврши втората истрага за падот на авионот на македонскиот претседател.

На 4 декември 2014 година Омер Кулиќ, шефот на меѓународниот тим што изврши повторна истрага (првата беше во 2004 година) за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, му го предаде нацрт-извештајот на претседателот на Комисијата за воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и овластен претставник на Република Македонија, Сотир Костов. Потоа извештајот беше предаден на Јавното обвинителство на Република Македонија.

Во тој извештај се констатирани бројни пропусти сторени во првата истрага за авионската несреќа. Дванаесет години по смртта на претседателот Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на владиниот „Кингер”, остануваат многу нејаснотии за причините за уривањето на авионот. Клучниот момент, кој истрагата не беше во можност да ги утврди, е зошто СФОР, во чии раце беше контролата на летот на аеродромот во Мостар и екипите за спасување, не ги дадоа бараните информации – не соработуваа со истрагата. Конечно, зошто повеќе од 24 часа се криеше местото на уривањето на авионот?

Дури три недели по падот на авионот во кој загина македонскиот претседател Борис Трајковски биле земени примероци од местото на несреќата. Зошто така постапил јавниот обвинител на Босна и Херцеговина?

За време на втората истрага заклучено е дека првиот извештај за авионската несреќа спроведен од првиот истражител Салко Бегиќ, бил менуван, допишуван и е направен фалсификат.

На несреќата ѝ претходеле системски грешки во одржувањето на авионот и подготовките за летот, како и во подготовките на пилотите, кои конечно, прават грешка, го исклучуваат автоматскиот пилот и во услови на многу ниска облачност го управуваат авионот но, на многу пониска висина од минималната за слетување.

„Одговорноста на СФОР е голема во потрагата и спасувањето. Тоа да, за летот не се одговорни. До падот на авионот нема нивна одговорност, по падот, да. Но, меѓудржавниот договор со БиХ е направен така што тие се заштитени, така е секаде во светот, така е и во случајот со Македонија. Како да се побара одговорност, тоа е работа на политичка проценка и на политичка активност на Македонија и на БиХ“, рече пред една година Кулиќ.

Во вториот извештај забележани се и многу пропусти во работата на владината агенција која била надлежна за техничко одржување на авионот – пилотите не биле соодветно проверувани, ниту пак пред летот имале часови на симулатор, авионот не бил технички исправен за класата на летови, но бил во употреба за комерцијални летови.

Освен тоа, историјата на работењето на навигацискиот уред ВОР/ДМЕ е избришана од страна на СФОР, бидејќи исчитувањето било направено на непрописен, нестручен начин и во спротивност со меѓународните стандарди во воздухопловната област. Едноставно, податоците за критичниот ден во кој се случила несреќата, 26 февруари 2004 година, биле избришани.

По сите овие донесени заклучоци и отворени сомнежи, двете обвинителства, на Босна и Херцеговина и Република Македонија навистина има на што да поработат. Но, информации од двете обвинителства засега нема.

www.mkd.mk