И во Битола започна теренската проверка на избирачкиот список

0
698

 

Започна теренската проверка на избирачкиот список во Битола. Анкетарите од изутрината се на терен и ќе треба да анкетираат 3849 граѓани.

– 3849 граѓани ќе бидат анкетирани. Најмногу има на улиците Караорман, Љубојно каде што е ромското население, потоа следуваат улици во Карпош и во Ремо. Ангажирани се 30 анкетари , 28 за Битола а по еден за општините Могила и Новаци, изјави Стефан Чекутков, виш соработник во ПО на ДИК во Битола

Сите анкетари носат беџ вели Чекутков и додава дека треба да се идентификуваат и со лична карта. Анкетите ќе се вршат секој ден од 8,30 до 19,30 часот.

Анкетарите ќе ги посетуваат граѓаните на домашна адреса. Доколку не бидат пронајдени дома, ќе бидат посетени уште еднаш, а доколку и тогаш не бидат анкетирани, на граѓаните ќе им биде доставено известување за да дојдат во подрачното одделение на Државната изборна комисија.Заедно со анкетарите на терен има и набљудувачи од четирите политички партии, додаде Чекутков

Од Државната изборна комисија, се надеваат дека ќе бидат запазени законските рокови за пречистување на избирачкиот список и дека теренската проверка би требало да трае 10 дена до две недели, односно да завршат до 3 април.

На ниво на Македонија ќе треба да се проверат 89.383 спорни записи во избирачиот список. Комисијата уште еднаш ќе ги разгледува опциите за евентуална проверка на околу 124 илјади граѓани што се на привремена работа во странство или се иселени.По вкрстената проверка на базите на податоците од десет институции и МВР, утврдено е дека 1,5 милион лица имаат право на глас.