Идентификуван терористот од Ница

0
887

Напаѓачот од Ница се вика Мухамед Лахуаиеј Булел, има 31 година и двојно државјанство на Тунис и Франција, и живее на северот на Ница, јавуваат француските медиуми.

Булел пред нападот работел како возач во курирска служба, татко е на тригодишно дете и на полицијата ѝ е познат по прекршоци, „деликвентско однесување и насилни чинови“. Според полициската документација, тој бил означен како лице кое минало низ радикализација.

Неговиот стан е претресен утринава, а полициски тимови се обидуваат да утврдат дали имал помош. Неколку роднини на Булел се приведени на сослушување.

Според достапните информации, белиот камион со кој е извршен нападот бил изнајмен пред неколку дена, што укажува дека нападот бил планиран.

Медиумите наведуваат дека Булел е роден во Тунис, но дека долго живее во Ница. Властите на Тунис соопштија дека напаѓачот од Ница не е на нивните листи на луѓе поврзани со тероризам.

Полицијата нашла две лични карти во камионот по нападот, се претпоставува дека едната е на Булел, а не се знае чија е втората лична карта.

Најмалку 84 лица загинаа, меѓу кои 10 деца, а над сто се повредени во синоќешниот напад во Ница во Франција откако напаѓачот со камион влета во преполно шеталиште.

www.mkd.mk