ИФФК „Браќа Манаки“ годинава од 18 до 27 септември со збогатена програма

0
463

Интернационалниот Фестивал на Филмска камера -ИФФК „Браќа Манаки“  и официјалниот партнер – Вип оператор во понеделник објавија дека годинава ИФФК  „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 18 до 27 септември.

Наместо седум, фестивалот ќе трае десет дена со збогатена програма. Директорот на фестивалот, Димитар Николов, ги истакна новите програми што ќе бидат вклучени во Фестивалот. Станува збор за „Нов европски филм“ и „SЕЕ Camera“.

„Реномето на фестивалот „Браќа Манаки“ ме мотивираше да создадам програма која само ќе го прави уште подобар, позначаен и модерно ориентиран. Фестивалот секако ќе си ја задржи својата основна линија – да ја промовира работата на „малите, незабележливите “ луѓе што стојат зад камерата. Фестивалот ќе трае десет дена, затоа што тоа е праксата на сите светски фестивали, а „Браќа Манаки“ не е ништо помалку од тоа. Фестивалот, освен со веќе постоечките и препознатливи програми, ќе го збогатиме со две нови програми. Станува збор за: „Нов европски филм“ и  „Sее Camera“.  Програмата „Нов европски филм“ ја воведуваме со цел  да привлечеме млади филмски автори кои своите први филмови би ги прикажале премиерно, а на фестивалот би му овозможиле нови можности за финансирање од европските фондови, како и побрза категоризација . За оваа програма ќе се грижи селекторот Дејан Трајкоски. Со програмата „SEE Camera“ сакаме да ја промовираме работата на авторите и кинематографите од Југоисточна Европа, а за неа ќе се погрижи Саша Станишиќ“, изјави Николов.

На оваа конференција за печат беше објавено и продолжувањето на успешната соработка со официјалниот партнер на Фестивалот – Вип оператор, компанија која по шести пат се вклучува во поддршката на Интернационалниот фестивал за филмска камера  „Браќа Манаки“, и придонесува во унапредувањето на филмската култура во земјава.

„Ми претставува особено задоволство што годинава, по шести пат, го објавуваме продолжувањето на нашето партнерство со најреномираниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“. Нашата соработка прерасна во традиција од која ползуваат сите љубители на филмската уметност. Она што на сите нам во Вип ни е особено драго е што како резултат на нашето партнерство, во рамките на фестивалот, ја создадовме Вип детската програма, како и бројните работилници, со цел да им ги доближиме убавините на филмот поблиску на најмладите, и од нив да создадеме пасионирани креативци. И овој пат продолжуваме со истиот елан, и сигурни сме дека годинава ќе имаме уште едно успешно издание на ИФФК Браќа Манаки“, изјави Симона Стефоска – Дуковска, раководител на Одделот за маркетинг комуникации и истражување на пазарот во Вип оператор.

Беа промовирани и логото и мотото на фестивалот. Мотото на фестивалот годинава е „Филмот е убав“ (Film Is Beautiful). Фестивалот го претстави и создавањето на интернет-страницата www.manaki.mk