Игуменот Кипријан Слепченски канонизиран за нов светител

0
3592

Во манастирот Св. Јован Претеча во демирхисарското село Слепче, денеска за нов светец беше канонизиран Св. Кипријан Слепченски, со што започнаа свечените активности за одбележување на 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Со службата чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на останатите митрополити и епископи на МПЦ – ОА, како и архимандрити, чесното свештенсатво и ѓаконство на помесната црква.

– Се поклонуваме пред големата, пред незаменливата жртва што може да ја направи еден човек на Земјата. Денешниот славеник Кипријан, но и други што ги спомнува светата црква се сведоштво за тоа и ние треба да благодариме на Бога што и од нашата земја и од нашиот род, и по нашата земја и меѓу нашиот род живееле такви личности кои своите животи ги дале за вечниот живот, истакна, меѓудругото, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Свети Кипријан Слепченски, маченички пострадал во 1780 година кога на Велики четврток бил нападнат манастирот. Според богослужбени текстови тој бил горен со оган кој бил запален од манастирските свеќи, се со цел бавно да страда, за на тој начин да се поколеба во верата и да се откаже од Христа. Свети Кипријан покажал цврста вера и натчовечко трпение, и како што е опеано во богослужбата, ни најмалку не се поколебал во верата ниту кога бил удиран од мачителите, ниту, кога бил горен од пламенот на свеќите. Сето тоа смело го поднел, знаејќи дека за привремените страдања на небесата го очекува вечен и нераспадлив светителски венец.