Илинденскиот кајак-слалом со 48 издание овој викенд

0
362

Следниот викенд на патеката „Матка“ крај Скопје ќе се одржи традиционалната спортска манифестација Илинденски кајак слалом – ИКАС. Годинава покрај натпреварите во слалом, првпат ќе има и трки во кајак спуст, кои ќе се бодуваат во рамки на Европскиот куп.

„Македонија и градот Скопје викендот ќе бидат во центарот на кајак спортот. ИКАС од година во година го подигнува своето реноме и станува се привлечен за се поголем број европски кајакари. Во таа насока АМС дава финансиска и логистичка поддршка на манифестацијата. Да се организара ваков настан е огромна чест, но и обврска и поради тоа ќе сториме се да помине во најдобар ред. Од својот буџет годинава АМС издвои 600 000 денари. Кајакот две децении во континуитет ни носи олимписки настапи и учества на големите натпреварувања“, изјави директорот на АМС, Марјан Спасески.

Организатор на ИКАС е Кајакарската федерација на Македонија која очекува на овој натпревар да се појават околу 150 натпреварувачи од 14 држави. Од Mакедонија ќе настапат 30-тина кајакари во двете дисциплини. „Спустот ќе се бодува за европската ранг листа. Покрај на Матка ќе има уште две такви трки. Чест е да бидеме промотери на Европскиот куп, а сето тоа е во насока на добивањето на Европското првенство во кајак спуст за сениори следната година“, информираше спортскиот директор на федерацијата, Атанас Николовски. Во сабота на програмата се квалификациските трки, а за в недела се закажани финалните трки.