Илјадници деца се уапсени и мачени во зоните на конфликти

0
205

Илјадници деца се уапсени и приведени во месеци, па дури и години без покренати обвиненија во зоните на конфликти каде владите често ги третираат малолетниците како закана за националната безбедност. Ова се наведува во денеска објавениот извештај на „Хјуман рајтс воч“, пренесе ДПА.

Организацијата повикува земјите веднаш да ја прекинат оваа практика, како и да биде побарана одговорност од земјите за случаите во кои деца биле лошо третирани, мачени и дури убивани во притвор.

Извештајот покажува дека деца биле уапсени при масовни апсења, по неосновани сомневања и за наводни врски на членовите на нивните семејства со терористички организации.

– Оваа практика не е само незаконска, но и контрапродуктивна, изјави адвокатот на „Хјуман рајтс воч“, Џо Бејкер.

– Ако владите доживуваат грижи од пристапувањето на деца кон екстремистички групи, задржувањето и нивно подложување на тортура или лош третман, само би можело да го зајакне нивното чувство за отуѓеност, додаде таа.