Иницијатива за Локален акционен план за животна средина

0
622

После летната пауза, Советот на Општина Битола в понеделник ќе одржи седница на која како точка на дневен ред ќе се најде Иницијативата за изготвување на Локален акционен план за животна средина на Општина Битола на која е потпишан градоначалникот на Општина Битола.

Во иницијативата стои дека потребата од започнување на процес на изработка на ваков план за Општина Битола е најважен стратешки плански документ за управувањето со животната средина на општинско ниво бидејќи ги дава основите на сегашната состојба, но и дава насоки како треба да се следат состојбите со потенцијалните загадувачи на сите медиуми, да се анализираат негативните влијанија и кои мерки се неопходни за обезбедување на помал притисок врз животната средина, а со тоа и негативно влијание врз здравјето на граѓаните и биодиверзитетот и материјалните добра.

Локалниот Акционен План за животна средина ќе обезбеди сознанија за тоа од каде потекнуваат притисоците врз различните медиуми во животната средина во Општина Битола, ќе ги даде одговорите за тоа како управуваме со водните ресурси, водата за пиење и отпадните води, како управуваме со комуналниот отпад и другите видови на отпад, како го планираме урбаниот развој на нашата Општина, како се грижиме за природните богатства и дали можеме истите да ги зачуваме и промовираме.

Подготовката е законски дефинирана во Законот за животна средина, а при подготовката на документот ќе се спроведе процес на планирање преку неколку последователни фази.

Веднаш по донесувањето на Одлуката за започнување на процесот на изработка на Локален акционен план за животна средина и избор на консултантски тим , Општина Битола ќе ја воспостави организационата структура со именување на Локален координатор – претставник од локалната самоуправа и назначен од градоначалникот со надлежности да ги координира активностите на дневна основа во текот на процесот на подготовка на документот; потоа заменик локален координатор; членови на локален управен комитет одговорни за прифаќање на сите развиени документи и изведување на приоретизацијата на клучните предизвици и членови на работни групи за секоја тематска област кои ќе доставуваат информации и податоци на консултанскиот тим. Главните задачи и одговорности на членовите вклучени во организационата шема при подготовка на ЛЕАП документот ќе бидат дефинирани во Деловодникот за работа.

Во иницијативата е наведено дека за негова подготовка, потребни се финансиски средства во износ од 300.000 денари, издвоени од Буџетот на Општина Битола. Периодот за подготовка на документот ќе биде од 6 – 12 месеци, сметано од денот на формирање на организационата структура за подготовка на Локален акционен план за животна средина.