Инспектори влегоа во кабинетот на министерката Ременски

0
434

Државниот управен инспекторат ги добил сите потребни документи на увид, вели министерката Фросина Ременски.

„Задолжено лице за одговарање на прашањата кои пристигнуваат на официјалната имејл адреса на министерството е Наташа Методиева, административен службеник во Кабинетот на министерот, долгогодишна вработена во министерството“, информираше министерката и појасни дека одлучувањето по нивните барања го прават одговорните во министерството.

„Шеф на кабинет на министерот за труд и социјална политика е административниот службеник Јована Тренчевска, долгогодишна вработена во Министерството за труд и социјална политика. Третиот административен службеник во кабинетот на министерот е Слободанка Лазова Здравковска, административен службеник во кабинетот на министерството, вработена во министерството“, информира Ременски.

Во целиот овој случај се споменуваше Мила Царовска, претседателка на комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, која не е вработена во министерството, а на почетокот се споменуваше како одговорна за контакт со граѓаните.

Министерката Ременски побарала на Царовска да ѝ се отвори службен мејл.

 Вчера Ременски и нејзиниот заменик Диме Спасов (поранешниот министер) влегоа во директен судир. Спасов вчера ги информирал вработените дека Мила Царовска не е вработена во министерството и тие имаат должност да не постапуваат по барањето на Ременски.

На ова Ременски одговори дека секој вработен е должен да пријави незаконско постапување во вршењето на работните задачи. „Ги охрабруваме и граѓаните и вработените да пријават секаков вид на притисоци, незаконско постапување или барања од претпоставен за незаконско постапување. По секоја пријава доставена до Министерството за труд и социјална политика по електронски пат или на друг начин ќе се постапи согласно со Законот и кодексот на јавната администрација. Тоа не е волја, туку обврска“, одговори Ременски.

www.mkd.mk