Инциденти на Косово, во Гораждевац пукано на неколку куќи со српско население

0
403

Во понеделникот утрото во метохиското село Гораждевац било пукано на неколку куќи, возила и споменик кој се наоѓа во центарот на ова село, а инцидентите за среќа поминале без повредени, пишуваат српските медиуми.

 

Министерот за заедници и повраток во Владата на Косово, Далибор Јевтиќ за Танјуг изјавил дека инцидентот се случил утрото околу три часот и дека биле оштетени два автомобила. Пукано било на куќата на петчленото семејство Петровиќ, на која биле испукани пет куршуми, а еден куршум бил пронајден во тоалетот на куќата.

Јевтиќ изјавил дека напаѓачите се обиделе да го запалат и спомен обележјето на жртвите на НАТО бомбардирањето во центарот на селото и го демолирале споменикот.

Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, пак, ги повикал сите Срби на Косово да ја задржат присебноста и да не одговараат на провокациите. Според него, се работи за терористички напад од страна на албанските екстремисти.

„Ова терористичко дело е уште еден потсетник за тоа колку е ситуацијата во која живеат Србите во нашата јужна покраина далеку од нормална и стандардна, како и за тоа какви лица постојат во едно општество кое има за цел да стане дел од Европската унија“, оценил Ѓуриќ. Тој додал дека недвосмислена цел на нападите е застрашувањето на српското население на Косово за тоа повторно да се принуди на иселување и дека „кристалната ноќ во Гораждевац ги има сите обележја на тероризам“.

Мнозинството од Албанците на Косово не сака ескалација на насилството во своето опкружување, рекол Ѓуриќ и додал дека „привремените институции на самоуправување во Приштина сега имаат прилика да ја покажат својата зрелост така што ќе ги пронајдат сторителите на овој терористички акт“.

Српскиот владин преставник исто така апелирал и до меѓународната заедница, на оваа ситуација да реагира со најголема сериозност за да се избегне понатамошно загрозување на безбедноста на Србите и нарушување на кревката стабилност на Косово./крај/мф/бс