Ирански демонстранти: На Израел му остануваат уште 8.411 дена

0
606

Претседателот на иранскиот парламент го нарече Израел „мајка на тероризмот“.

Антиизраелски демонстранти во Иран претставија дигитално одбројување што покажува 8.411 дена до она за што тие рекоа дека ќе биде „уништувањето на Израел“, како дел од годишниот митинг за поддршка на палестинските територии.

Временскиот рок се чини дека произлегува од коментарите што во 2015 година ги даде врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Камнеи, кој рече дека нема да остане „ништо“ од Израел до 2040 година.

Демонстрантите извикуваа „смрт за Израел“ во петокот, собрани за Денот на Ал-Кудс (арапското име на Ерусалим), држејќи плакати што ги осудуваат Израел, Саудиска Арабија и САД. Револуционерната гарда ја искористи можноста да ги прикаже своите балистички ракети, вклучувајќи го и типот што се користеше во Сирија, каде што владата тврди дека убила „голем број терористи“, иако агенциите не можеа да ги потврдат информациите, вели британски Индипендент.

Настанот се одржа на плоштадот Палестина во Техеран, а државните медиуми тврдат дека повеќе од еден милион луѓе учествувале на демонстрациите.

Слични протести се појавија низ цел Иран, а демонстрантите ја осудија израелската окупација на палестинските територии и палеа израелски и американски знамиња.

Претседателот Хасан Рохани и претседателот на парламентот, Али Лариџани, беа меѓу функционерите што присуствуваа на демонстрациите.

Во говорот пред луѓето што одеа на петочната молитва во Универзитетот на Техеран, Лариџани рече: „Израел е најопасниот терорист во историјата“, пренесе иранската новинска агенција Тасним.

„(Израел) е мајка на тероризмот“, додаде тој.

Иран жестоко ја критикува земјата за нејзините наводни повреди на човековите права, а претседателот Рухани за новинската агенција ИРНА рече дека Израел ги поддржува „терористите во регионот“.

Тензиите меѓу сунитската Саудиска Арабија и шиитискиот Иран во последно време се интензивираа, делумно поради теолошките несогласувања, како и поради зголемената поддршка на Доналд Трамп за Арабија и неговите осуди до Иран.

Минатиот месец саудискиот крал Салман го нарече Иран „предводник на глобалниот тероризам“.

mkd.mk