Исчезнатиот египетски авион се урнал

0
1056

Патничкиот авион на египетската авиокомпанија Еџипт Ер се урнал, соопштија воздухопловните власти во Каиро. Во авионот, според Еџипт Ер, имало 56 патници и 10 членови на екипажот, меѓу нив 30 египетски и 15 француски патници. Надлежното министерство пак не сака да дава дефинитивна потврда на ваквата информација, иако индиректно веќе ја потврди веста за уривање на авионот, со тоа што испрати писмо со сочувство до Франција.

Според Еџипт Ер, летот МС804 испратил сигнал за помош непосредно пред да исчезне. Тој сигнал, како што се вели, стигнал во 02:26 часот, односно десет минути пред исчезнувањето на авионот од радарите. Армијата, пак, соопшти дека не добила никаков сигнал.

Авионот А320 бил на пат од Париз за Каиро и од радарите исчезнал во раните утрински часови, кога се наоѓал на височинаод 11.277 метри. Во тоа време леталото било над Средоземното Море, на околу 280 километри северно од египетскиот брег и околу 240 километри јужно од грчкиот остров Карпантос.