ИСИС се закани со „поголеми и пожестоки“ напади

0
653

Терористичката група Исламска држава се закани дека „посилно и пожестоко“ ќе ги погоди земјите што се борат против неа откако ја презеде одговорноста за денешните бомбашки напади во Брисел.

Најмалку 34 лица се убиени, а многу повеќе се повредени, по серијата бомби активирани на аеродромски терминал и во метростаница во Брисел во период од 79 минути.

Експлозиите се случија само еден ден откако белгискиот министер за внатрешни работи предупреди на можни одмазднички напади по апсењето на осомничениот париски напаѓач Салах Абдеслам во градот минатата недела.

А на својот официјален профил на Телеграм терористичката група соопшти: „Им ветуваме на државите што се во сојуз против Исламска држава дека ќе се соочат со мрачни денови како одговор на нивната агресија врз нашата држава. А она што ве очекува ќе биде поголемо и пожестоко со милоста на Алах. Во слава на Алах, кој ги направи нашите напади прецизни и ни помогна да успееме, бараме од него да ги прифати нашите браќа меѓу мачениците.“

Во тек е голема потера по осомничениот припадник на ИСИС во бел мантил и црна шапка што избегал од аеродромот во Брисел, по двете експлозии утрово, во кои загинаа најмалку 13 лица, а беа повредени уште десетици.

Полицијата издаде потерница по човекот што е снимен како турка количка за багаж со другите двајца осомничени неколку минути пред експлозиите.

Неговите наводни соучесници носеле црни ракавици на левата рака, за кои безбедносни извори велат дека веројатно во нив биле скриени уредите за активирање на нивните експлозивни елеци.

Двајцата мажи се разнесоа, додека за третиот се верува дека оставил распрскувачка бомба, која содржи клинци, и побегнал, според весникот Стандард.

Не е познато дали бегалецот потоа отрчал до метростаницата Маалбек и ја извел експлозијата во која загинаа 20 лица само 79 минути подоцна.

Алфонс Јула, кој работи на пулт на аеродромот, вели: „Слушнав како некој човек извикува некакви арапски зборови, а потоа експлозија… потоа втора експлозија, огромна експлозија, многу поголема. Беше ужасно. Видов најмалку седум мртви луѓе. Имаше крв. Некои луѓе ги загубија нозете. Можеа да се видат нивните тела, но без нозе.“

www.mkd.mk