Исклучете ги светилките во 20:30 часот

0
392

Денеска во 20:30 часот во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7.000 града ширум светот што ќе се одбележи Часот на планетата Земја. Македонија годинава го надминува минатогодишниот рекорд на исклучени локации, па така годинава вкупно 66 локации ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја во нашата држава. Централниот настан е закажан на плоштад Македонија, кога во 20:30 часот веднаш по исклучувањето на целосното осветлување, скопјани ќе бидат сведоци на неверојатен флеш моб перформанс организиран од денс клубот Аква проследен со флуоресцентни светечки ефекти, а настапот ќе биде поддржан од волонтерите на Црвениот крст кои ќе го осветлат плоштадот со над 300 свеќи, испишувајќи го логото на акцијата – „60+“.

Поддршка кон акцијата најавија и градовите Струмица, Битола, Велес, Крушево, Ресен, Радовиш, Струга, Куманово, Кавадарци и Берово, резерватот Јасен, но и повеќе компании.

Оваа година акцијата е поддржана и од Канцеларијата на УНДП во Македонија. Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креирано од WWF, а поддржано од UN. Како една од првите кампањи креирана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настанкој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните.