Исламистичките мрежи објавија фотографија на напаѓачот од Орландо, бил познат на FBI

0
658

Извор : (via Twitter) – Фотографијата на која се тврди дека е Омар Матин

На профил на социјалната мрежа Twitter поврзан со џихадистичката сунитска организација Исламска држава објавен е во неделата фотографија на Американецот со авганистанско потекло Омар Матин, кој американските власти го идентификуваа како убиецот на најмалку 50 луѓе во ноќен клуб во Орландо, додека безбедносни извори велат дека им бил познат на тајните служби.
„Мажот кој го изврши нападот врз флоридскиот ноќен клуб во кој се убиени 53 луѓе а ранети се десетици“, се наведува во текстот објавен покрај фотографијата на којашто е наводно Омар Матин.

Засега нема соопштение од Исламската држава за пукањето со досега најмногу жртви на територијата во САД.

Не е можно засега да се повтори дали на фотографијата е Матин. На другите профили на Twitter поврзани со исламистички милитанти се објавени слики на истото лице, а приврзаниците на Исламската држава објавуваат пофалби за нападот.

Американскиот Федерално биро за истраги (FBI) претходно го истражувало лицето осомничено за смртоносниот напад во геј клубот „Florida Pulse Club“ во центарот на Орландо, пишува порталот The Daily Beast повикувајќи се на високо позициониран функционер во безбедносните агенции на САД.

„Тој е познати тип. Претходно веќе се појавуваше на нашите радари“, рекол соговорникот на весникот.

Според изворот на The Daily Beast, Матин е роден во Њујорк, а неговиот татко Седик Мир Матин живее на Флорида и истовремено се кандидирал за изборна должност во Авганистан. Во изјава за телевизиската мрежа NBC News тој тврди дека нападот најверојатно бил насочен кон геј заедницата, и оти „нема никаква врска со религијата“. Тој порача дека немале никакви информации за некои активности на Омар, и оти се во шок „како и целата земја“.

Омар Матин, роден во Њујорк и претходно женет во Њу Џерси, живеел во Порт Сент Луси на Флорида, а кон себе го свртил вниманието на сојузните служби двапати пред да биде идентификуван како извршител на нападот во Орландо.

Според неименуваниот соговорник на The Daily Beast, Матин бил „лице од интерес“ во 2013 годна, и потоа во 2014 година кога FBI отворило истрага за него, но го затворило случајот откако не добиле податоци кои ќе гарантираат натамошна истрага.

Весникот потсетува дека Матин во неделата утрото убил најмалку 53 а ранил повеќе од сто во клубот „Pulse“, во најкрвавиот инцидент во модерната американска историја.

Матин пред извесно време ѝ изјавил лојалност на радикалната сунитска група Исламска држава, изјави за телевизијата CNN, американскиот конгресмен Адам Шиф, член на комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.

„Врз основа на она што јас го слушнав од министерството за внатрешна безбедност, тој ѝ изразил лојалност на Исламската држава“, рече Шиф.

Локалната полиција во Орландо нападот прво го карактеризираше како домашен тероризам, без поврзаност со меѓународниот тероризам, но подоцна беше објавено дека инцидентот се истражува како дело од тероризам.

Агентот на FBI, Рон Хопер изјави за медиумите дека Матин најверојатно имал наклонетост кон исламскиот екстремизам, но други безбедносни извори посочуваат дека не постојат индиции дека Омар Матин директно бил поврзан со Исламската држава.

Сепак се посочува дека во мај Исламската држава во аудио порака на социјалните мрежи ги повика своите симпатизери и следбеници во САД и Европа да преземат напади во текот на светиот муслимански месец Рамазан, кој започна во првата седмица на јуни/крај/мф/сн