Истекува мандатот на градоначалниците и советниците

0
382

Мандатот на градоначалниците и на советниците во локалните самоуправи истекува денеска. Поради тоа претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери за денеска закажа состанок на претставниците на пратеничките групи кои треба да се договорат за законски измени за евентуално продолжување на нивниот мандат и за распишување на локалните избори.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа ЗЕЛС во петокот побара Парламентот најдоцна до денеска да одржи седница и да донесе решение за мандатите на градоначалниците и советниците, бидејќи, како што посочија оттаму, тогаш завршува првата половина на мај кога со закон престануваат да важат мандатите на градоначалниците и на советниците.

Според ЗЕЛС, можно решение е измена на Изборниот законик во кој наместо првата половина на мај ќе се стави друг датум за кој ќе се договорат политичките партии во Парламентот. Потребна е, сметаат од ЗЕЛС, и измена на Законот за локална самоуправа, како системски закон. Во него пишува дека советниците се избираат за време од четири години, а градоначалниците, пак, дека се избираат секоја четврта година. Тоа, според ЗЕЛС, значи дека со измените на Изборниот законик може да се реши проблемот со градоначалниците додека пак за советниците ќе биде потребна и измена во Законот за локална самоуправа.

Доколку не се најде соодветно решение, посочија од ЗЕЛС, на граѓаните ќе им бидат ускратени сите услуги што ги добиваат од локалната самоуправа, нема да можат да се исплаќаат плати во институциите под нејзина надлежност, како градинки и училишта и ќе се спречи реализацијата на инфраструктурните проекти, нема да може да функционира јавниот превоз…

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итно одржување на локалните избори, а како можни термини ги предлагаат 2 јули, средината на септември или најдоцна 15 октомври. Одложувањето што го прави СДСМ, велат оттаму е поради нивниот страв од пораз.

Од СДСМ пак велат дека најпрво е потребно да се формира новата влада, па да се распишат избори.

На 10 мај Уставниот суд на Република Македонија едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон, со што ќе се овозможеше градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори.