Истокот на САД се подготвува за големо снежно невреме

0
381

Вашингтон, Њујорк и останатите американски градови долж источниот брег се подготвуваат за снежно невреме, илјадници летови се откажани, а населението се снабдува со резерви на храна за невремето што може да донесе снежна покривка висока и до еден метар.
Најмалку пет сојузни држави во четврток прогласија состојба на готовност додека кон подрачјето се приближува првата овогодишна голема снежна бура.

Предупредувањата велат дека невремето што доаѓа од југ, најпрво би можело да го зафати Вашингтон и Балтимор во петок попладне, а потоа во сабота наутро и Њујорк.

Воздухопловните компании почнаа да ги откажуваат летовите за петок и сабота, а градоначалниците на Вашингтон и Њујорк ги предупредуваат возачите без поголема потреба да не излегуваат на пат.

Во Вашингтон училиштата ќе бидат затворени во петок.

Националната гарда на Вирџинија има намера да ангажира дополнителни 300 војници, а сојузните канцеларии во Вашингтон ќе бидат затворени во петок напладне за да можат вработените на време да дојдат дома.

Полиците на дуќаните забрзано се празнат бидејќи жителите се подготвуваат за викендот, кога не планираат да излегуваат. Покрај леб, млеко и останати продукти, се купуваат и електрични генератори, батерии и батериски ламби.