Историски лет: Женски екипаж слета во Саудиска Арабија

0
471

Слетувајќи во Саудиска Арабија, државата што на жените не им дозволува да возат автомобил, три пилотки на Брунеи ерлајнз влегоа во историјата како целосно женски екипаж на таа компанија на некој лет, пренесува Индипендент.

Тие пилотираа со боинг 787 дримлајнер од Брунеи кон саудискиот град Џеда.

Екипажот го сочинувале капетанката Шарифа Сарена, и копилотките Саријана Нордин и Надија Кашием.

Сарена се школувала во Велика Британина и во декември 2003 стана првиот пилот на брунејската авиокомпанија што летал со дримлајнер. Во воздух со најновиот модел на американската компанија Боинг се вивна од лондонскиот аеродром Хитроу.

„Луѓето обично сметаат дека пилотирањето е машка професија. За една жена и тоа од Брунеи, ова е големо достигнување. На младите, особено на девојките ова им покажува дека соништата се остваруваат“, изјави таа во 2012 за Брунеи тајмс.

Минатата година во Саудиска Арабија жените за првпат гласаа на локални избори на кои имаше и 978 кандидатки за избор.

 Конзервативното муслиманско кралство е единствената земја во светот која на жените не им дозволува управување автомобил.
www.mkd.mk