Италија подобра од Белгија во дербито во Лион

0
333

Во натпреварот од првото коло на Групата Е на европското фудбалско првенство во Франција, италијанските репрезентативци во понеделникот во Лион им одржаа вистински фудбалски урок на белгиските противници, совладувајќи ги со 2-0, со головите на Емануеле Џакерини во 32 и на Грацијано Пеле во втората минута од судиското продолжување.

Селекцијата играчи што ја направи Антонио Конте со голема скепса беше испратена од Апенините, дури и со навреди дека ѝ недостига талент. Од друга страна, Белгија којашто долг период е на челните позиции од ранг листата на светска фудбалска асоцијација УЕФА, никогаш во својата историја немала толку талентирана генерација, предводена од вонсерискиот Еден Азар.

По привидната иницијатива на Белгија, италијанскиот бек Леонардо Бонучи со долга топка низ воздухот зад грбот на белгиската одбрана, благодарејќи и на невнимателноста на Алдевејрелде, го пронајде нискиот Емануеле Џакерини кој перфектно ја спушти топката пред себе и рутински пласираше крај Тибо Куртоа.

Италијанците во финишот од натпреварот ја имаа шансата да го решат победникот, кога во 84 минута во контра тргна Чиро Имобиле, кој десет минути претходно влезе во игра, силно и прецизно шутираше од врвот на шеснаесетникот, но Куртоа уште еднаш бравурозно интервенираше. Сепак, следниот италијански противнапад, во втората минута од судиското продолжување, Пеле со волеј го потврди победникот.