Италијанскиот министер: Бегалската криза е ризик за Шенгенскиот договор

0
177

Италијанските власти во саботата спасиле 4.400 бегалци во Медитеранското Море откако добиле сигнали од 22 гумени чамци и стари рибарски бродови. Сите тие биле преполни со бегалци и без каква и да е опрема за спасување.

Бродовите на граничарите и на царината учествувале во спасувањето заедно со два норвешки брода кои работат заедно со ЕУ во мисијата Тритон.

Од почетокот на годината во Италија пристигнале 108.000 бегалци. Соочени со овој огромен бран бегалци, италијанските власти побарале помош и од трговските бродови за да ги спасат бегалците. Сите бегалци стасале живи во италијанското пристаниште.

Оваа ситуација, како вчерашната криза во Македонија, доведе до изјава на италијанскиот министер за надворешни работи Паоло Џентилони кој рече дека оваа криза може да и ја “одземе душата на ЕУ”.

Сцените од Италија и Македонија се вистинска закана за слободното движење во ЕУ, изјави тој за весникот “Ил Месаџеро”.

“Европа ризикува да го покаже најлошото од себе во областа на имиграцијата”, предупреди министерот и додаде дека присуствуваме на “егоизам, случајно донесени одлуки и кавги помеѓу земјите членки”.

“Јас сум многу загрижен. Денес, во оваа криза, Европа или ќе си ја открие душата или ќе ја загуби за засекогаш”, рече тој барајќи од европските партнери да почнат да работат и да најдат заедничко решение за кризата.

Според него, алтернативата е загуба на Шенгенскиот договор:

“Она што е сега во опасност е еден од фундаменталните столбови на ЕУ: слободното движење. Од сицилијанската обала до Кос, преку Македонија, Унгарија и Кале, притисокот расте и, со текот на времето, ќе го доведе Шенген во опасност. Можеме ли денес да ја замислиме Европа без Шенген? Враќање на старите граници? Мигрантите не доаѓаат само во Грција, Италија и Унгарија. Тие доаѓаат во Европа. Ете зошто европските правила треба да бидат европеанизирани”, вели министерот.