Италијанско македонскиот филм Човекот во камерата на Микеле де Ангелис прикажан во Битола

0
618

Италијанскиот режисер Микеле Де Ангелис и неговиот кинематографер Езио Гамба, говореа за својот надреален филм, „Студија на случај: Човекот во камерата“, кој беше дел од годинешното издание на ИФФК.Браќа Манаки.

Се работи за филм составен од повеќе секвенции, од кои повеќето во надреалистички стил, чија идеја е да се долови носталгијата кон киното од минатиот век.

-Јас сум заинтересиран за стари филмови – истакна Микеле Де Ангелис.

Тој, исто така, изјави дека надреалниот филм е единствениот можен филм, а играњето со повеќе жанрови е негова пасија во работата.

-Надреалниот филм е единствениот можен филм. Дури и ќе одам уште подалеку и ќе речам дека единствената реалност е филмот – филмот е реалноста – вели Де Ангелис.

Софија, актерката која игра во неговиот филм, исто така, беше присутна покрај режисерот и кинематограферот. Микеле Де Ангелис ја забележал на грчкото приморје и едноставно ја повикал да глуми во неговиот филм.

Филмот е работен во соработка со македонски копродукциски тим, па постпродукцијата е во целост завршена токму во Македонија. Продуцентката Корнелија Ристевска истакна дека е реткост за држава како Македонија да соработува со поголеми држави, бидејќи ние носиме значително помало учество во вкупниот буџет на филмот, но се надева дека оваа соработка со италијанскиот тим ќе отвори и други перспективи.

-Во моментов работам на уште три сценарија. Би сакал барем две од нив да бидат снимени во Македонија – рече Де Ангелис, кој пред неколку години на фестивалот Браќа Манаки го претстави својот филм Врати работен во соработка со битолски актери.

Без коментари