Иванов бара Заев да обезбеди гаранции за унитарноста на државата

0
811

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со коалициските партнери, да обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата, а за давањето на мандатот за составување нова влада вели дека „ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“.

„Писмото од Собранието на Република Македонија е пристигнато во кабинетот на претседателот на Република Македонија, вчера, на 9 мај 2017 година. Претседателот Иванов очекува од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалициските партнери ќе обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија. Претседателот Иванов останува на ставот дека такаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејство спротивни на Уставот на Република Македонија, не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање и за дејствување на влада во Република Македонија. Македонскиот претседател, во однос на определувањето мандат, ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“, соопштиле од кабинетот на Иванов за МИА.