Иванов: Македонија е подгтовена за јакнење на соработката со Грција

0
176

Македонска страна е подготена за натамошно јакнење на соработката со Грција во сите сфери од заемен интерес, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.

Во тој контекст претседателот Иванов ја реафирмираше подготвеноста за средба со неговиот грчки колега, претседателот Прокопис Павлопулос.

За време на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција.

Во тој контекст, претседателот Иванов го поздрави усогласувањето на мерките за доверба меѓу двете земји, оценувајќи дека тоа претставува значаен чекор за понатамошно унапредување на билатералните односи и може да придонесе за создавање позитивна атмосфера за надминување на разликата околу името, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.

Иванов констатирашлдека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу двете општества никогаш не била на подобро ниво и порача дека политичарите треба да ја следат таа нова реалност што постои меѓу општествата, граѓаните и бизнис-заедницата на двете земји.

„Република Македонија опстојува на определбата за градење добрососедски односи и сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог да се бара решение за надминување на разликата за отвореното прашање“, рече претседателот Иванов.

На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Претседателот Иванов нагласи дека интеграцијата на државите од западен Балкан во ЕУ е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и порача дека ЕУ мора да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нејзина најуспешна политика.

Двајцата соговорници се согласија за неопходност од соработка и доверба на македонските и грчките разузнавачки и полициски служби за заканите со кои се соочува регионот, но и за заканите по националната безбедност на двете држави.

Претходно и премиерот  Никола Груевски оствари средба со Коѕиас, на која била истакната потребата и заложбата за континуирано унапредување на добрососедските односи.

Соговорниците ги поздравија и дадоа позитивна оценка за мерките за градење на доверба помеѓу двете земји.

Двете страни ја истакнаа значајноста на процесот кој се води под медијаторство на Обединетите нации за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за отвореното прашање.

Соговорниците ја истакнаа заложбата за интеграција на сите земји од регионот во Европската Унија.

Стана збор и за можностите за унапредување на вкупната соработка помеѓу двете земји во сферите од заеднички интерес, се вели во соопштението на владината прес служба.

/крај/

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Макфакс