Иванов на средба со првите луѓе на МВР

0
648

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во петок во МВР се сретна со челните луѓе на овој ресор министерот за внатрешни работи Митко Чавков, како и со директорите на Бирото за јавна безбедност и управата за безбедност и контраразузнавање, Горанчо Савовски и Љупчо Андоновски.
На средбата во МВР на која што претседателот Иванов, заедно со министерот Чавков одржа и состаноци со колегиумите на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање каде што централни теми беа актуелната мигрантска криза, како и прашања поврзани со безбедносните ризици и состојби.

„Министерот, заедно со директорите ме информираа дека сите мерки се преземени, од голема корист се полицајците од земјите членки на ЕУ и балканскиот регион. Сите активности се синхронизирани, нашиот кризен менаџмент дневно известува за сите обиди за влегување и отворање на балканскиот регион“, рече Иванов, коментирајќи ги изјавите за можен втор мигрантски бран ова лето.

Според претседателот Иванов, Македонија како држава се справува успешно и покажа како треба и другите земји да се справуваат и однесуваат со вакви предизвици.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков од своја страна изјави дека за време на посетата заеднички било заклучено дека бегалската криза не е минато свршено време, туку актуелните закани и ризици продолжуваат и понатаму, се разбира во друга форма преку активирање на криминални мрежи, како и дека Македонија успешно се справува со овој вид на проблеми.

„На дневна основа фаќаме или попречуваме 200 до 300 бегалци или мигранти, идентификуваме организирани криминални групи и интензивно работиме и на национални и на меѓународно ниво на воспоставување потесна полициска соработка за отпочнување и водење меѓународни истраги“, истакна министерот Чавков.

Тој изрази задоволство за успешното справување со трансформирањето на бегалската криза во илегална, но истакна дека состојбата со бегалската криза ќе продолжи и понатаму

Министерот Чавков во изјавата по состаноците истакна дека и покрај максималната контрола и новиот систем на справување со мигранскиот бран, неспорно е дека предизвиците и опасностите постојат, особено што проценките говорат дека тие ќе продолжат во наредниот период. Но дека МВР, односно неговите служби се подготвени успешно да се справат со таквите закани за што сведочат спречувањата на илегалнаа миграција и откривањата на организирани криминални групи. /крај/со/ст