Иванов со прием за членовите на дипломатскиот кор во Битола

0
736

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во петок вечер во Битола ќе приреди прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија.
На дипломатскиот прием, кој традиционално го приредува претседателот на Република Македонија по повод новогодишните и божикните празници, свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак.

Согласно воспоставената практика дипломатскиот прием да се одржува надвор од главниот град, годинава, дипломатите ќе имаат можност да се запознаат со историските, економските и културните карактеристики на општина Битола.

Според програмата, цо сабота во претпладневните часови, во Инфо – центарот „Пелистер“ е предвидено да се одржи презентација за природните и туристичките карактеристики на Националниот парк Пелистер, додека во хотелот „Молика“ ќе се одржи презентација за инвестициските можности на општина Битола, од страна на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.

Изминатите години, покрај Битола, дипломатскиот прием беше приреден и во Крушево, Гевгелија и во Берово. /крај/со/ст