Иванов во Брисел покажа фалсификувани документи на Фронтекс и пасоши од Сирија

0
486

По стартот на засилената контрола и почетокот на селекцијата на бегалци и мигранти, бројот на бегалците кои поминуваат низ Македонија и натаму е околу 5.000 дневно. Економските мигранти почнуваат да се претставуваат како бегалци со фалсификувани документи од Фронтекс и сириски, авганистански и ирачки патни исправи.

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во Брисел ги информираше Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, еврокомесарот Јоханес Хан и шефот на Фронтекс за состојбата по 22 ноември кога се постави жичената ограда на македонската страна од границата со Грција и почна селекцијата на бегалците и мигрантите.

Иванов дал конкретни предлози за оперативни мерки за намалување на безбедносните ризици, за зголемување на контрола врз мигрантите, подобро обезбедување на државните граници, за намалување на протокот на мигранти и нивно обесхрабрување за движење низ коридорот.

Според податоците на македонските власти, со поставување на оградата за насочување на вршење на регистрација на мигрантите и филтрирање (дозволен влез само за бегалци од кризните региони) за 20 дена се намали вкупниот проток на мигранти за 21,1%.

Сепак, приливот на бегалците и натаму во просек е од околу 5.447 лица дневно, а поставувањето на силите на Фронтекс на грчката граница за воспоставување на излезна контрола од територијата на Унијата и натаму се одложува.

Ваквото одложување ги проширува можностите за економските мигранти кои се обидуваат да влезат во Македонија со фалсификувани документи на Фронтекс. Според информации од теренот, само за еден ден во прифатниот центар во Гевгелија биле откриени 220 скенирани фалсификувани регистрациски документи на Фронтекс. Освен со фалсификувани документи на Фронтекс, откриени се и фалсификувани патни исправи од Сирија, Авганистан и Ирак. Така мигрантите од Пакистан, Иран, Алжир, Мароко, Сомалија… стануваат бегалци од воените жаришта во Сирија, Авганистан и Ирак и го продолжуваат патот по балканската бегалска рута.

На средбата со Туск и со српскиот претседател Томислав Николиќ во Брисел, Иванов презентираше фалсификувани документи од регистрациски листови на Фронтекс и фалсификувани пасоши и лични карти.

За да се намалат безбедносните ризици и да се обесхрабрат мигрантите да го користат бегалскиот коридор, Иванов денеска во Брисел побарал опрема за регистрација, скенирање и проверка на документите и дебрифинг за утврдување на потекло на државата (дел од опремата денеска веќе пристигнала во Македонија), опрема за надзор на државната граница за спречување на илегални премини и одбегнување на регистрација, присуство на полициски службеници од земјите членки на Унијата во обезбедување на државната граница на Македонија и мисија на Фронтекс на заедничката граница со Грција. Ако овие оперативни барања се реализираат, може да очекуваме намалување на протокот на мигрантите и бегалците во наредните неколку недели, предупредил Иванов.

www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY