Избирачкиот список е заклучен

0
237

Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список и е дефиниран бројот на гласачи. На предвремените парламентарни избори на 11. Декември право на глас имаат 1.784.416 граѓани.

Од нив во единствениот Избирачки список во Република Македонија се запишани 1.531.368граѓани, а за гласање во Дипломатско – конзуларните претставништва се регистрирани 230.122 гласачи.

Но, голем дел од нив не поднеле пријава за гласање во законски предвидениот рок, па така само 20.573 гласачи кои живеат и работат во странство имаат право да гласаат за пратеник од седмата изборна единица.

Во затворите низ државата право на глас имаат 2.015 лица кои во моментов се наоѓаат на издржување на казна затвор. Според препораките од Државната изборна комисија ако тие гласачи немаат важечки документ за идентификација (лична карта или пасош), ќе можат да гласаат со домска односно затворска легитимација. На Избирачкиот список се регистрирани и 13 внатрешно раселени лица.

На списокот како посебна бројка се додадени и 325 гласачи, кои се членови и заменици членови на избирачки одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во Дипломатско – конзуларните претставништва. Тие ќе гласаат во Државната изборна комисија три дена пред изборите.

Избирачкото ливче ќе ги содржи имињата на сите 11 коалиции и партии што имаат кандидати на изборите. Во онаа изборна единица каде поголем број од жителите се припадници на некоја од заедниците избирачкото ливче ќе биде на македонски јазик и на нивниот мајчин јазик.

Во 2014 помалку гласачи

За споредба, на изборите во 2014 година во единствениот избирачки список беа запишани вкупно 1.780.128 граѓани со право глас односно на овие парламентарни избори има 4348 гласачи повеќе. На денот на изборите, на 27 април 2014 година на гласање излегоа 1.120.744 гласачи или 62,96%.

Дали е чист Избирачкиот список?

По формирањето на новиот состав во Државната изборна комисија, согласно Договорот од Пржино минатата година, и спроведените теренски и административни проверки, ДИК првично објави дека на списокот на гласачи во земјава се појавуваат недоследности кај речиси 310 000 гласачи. По проверки на податоците од единаесет институции, од вкупните сомнителни записи Државната изборна комисија одлучи 87.000 да се проверат теренски, а останатите административно.

Потоа списокот се намали на 210 000 гласачи од кои 171 500 луѓе беа ставени на посебен список за дијаспората и нивното право на глас не беше оспорено, а останатите 39 502 гласачи требаше сами да го докажат своето право на глас.

Претходните неколку изборни циклуси, особено локалните избори во 2013 година и  парламентарните и претседателски избори во 2014 година, беа обележени со гласачи фантоми, лица со сомнителни лични документи и гласачи од Пустец, Албанија. Медиумите открија стотици куќи и станови со фиктивни станари кои на незаконски начин добиле лични документи од МВР и право на глас. За изборните нерегуларности од страна на актуелната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ беше објавено и во т.н. бомби на СДСМ. А, првиот случај за кој Специјалното јавно обвинителството (СЈО) отвори истражнапостапка е „Титаник“ и се однесува на десетина дела поврзани со изборите, во кои се осомничени осум лица, меѓу кои екс министрите за внатрешни и транспорт, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

За овој случај и натаму нема обвинение, нема правна завршница. А, веќе сме на прагот на нови избори.

http://faktor.mk/