Изборите ќе чинат 7,5 милиони евра

0
362

Според финансискиот план што го усвои Државната изборна комисијата, предвремените парламентарни избори ќе чинат 7,5 милиони евра. За печатење, пак, на избирачкиот материјал ќе бидат потрошени дополнителни 650 илјади евра.

Според Роковникот на ДИК за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид во понеделник, на 25 април.

Јавниот увид трае 15 дена, започнува на 25 април, а трае до 9 мај 2016 година, а најдоцна до 14 мај. ДИК го доставува Избирачкиот список до политичките партии кои, пак, до 19 мај треба да достават барање за запишување, за дополнување или за бришење податоци.

Сепак, на вчерашната седница не се расправало за текот на проверките за ажурирање на Избирачкиот список.

Во врска со предлагањето листи на кандидати, собирањето потписи пред овластените лица од ДИК за предлагање на листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија од група избирачи започнува 10-тиот ден од денот на распишувањето на изборите и трае 10 дена, до 4 мај.