Изборите во Грција на 20-ти септември, се топи поддршката за Ципрас

0
218

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос го потпишал во петокот указот за распуштање на парламентот за вонредните парламентарни избори да можат да се одржат на 20-ти септември, изјавија од неговиот кабинет, а истовремено последните истражување на јавното мнение покажуваат дека владејачката коалиција на радикалната левица Сириза и премиерот Алексис Ципрас ја губат предноста и популарноста кај избирачите.

Премиерот Алексис Ципрас минатиот четвртокот ја поднесе оставката на неговиот кабинет што отвори простор за одржување предвремени избори, со амбиција да ја зацврсти својата власт, само седум месеци по доаѓањето на власт со предвремените избори од 25-ти јануари. Неговите желби, како и на дел од домашната јавност и на меѓународната заедница, беа изборите да се одржат што поскоро – на 20-ти септември, за да нема застој во исполнувањето на договорот за новата програма за финансиска помош на Грција во износ од 86 милијарди евра.

„Потпишан е указот за распуштање на парламентот. Изборите ќе се одржат на 20-ти септември“, ја пренесе Reuters изјавата на функционер кој сакал да остане анонимен.

Последните анкети покажуваат дека Сириза на премиерот во заминување Алексис Ципрас ја губи големата популарност и ќе води тешка борба со конзервативната Нова демократија. Повторно по изборите ќе биде најголемата партија, но нема да освои онолку пратенички места колку што посакува за да има цврста позиција.

Испитувањата на јавното мнение покажуваат дека речиси две третини од избирачите сметаат дека Цирпас не требало да бара нов мандат, како и дека неговиот омилен коалициски партнер нема да го мине изборниот праг и да влезе во парламентот. Тоа упатува на заклучокот дека неговата тактика со предвремените избори да ја консолидира својата власт може да се изјалови, иако сé уште повеќе од четвртина (25,5 отсто) од гласачите се неодлучни, па конечниот избор е далеки од извесен.

Радикалната левичарска партија Сириза има поддршка од 23 отсто од избирачите, а конзервативната Нова демократија од 19,5 проценти, според истражувањето чиишто резултати се објавени во петокот во весникот Efimerida Ton Syntakton, што го спровела агенцијaта ProRata.

До потпишувањето на третиот пакет за финансиска помош со меѓународните доверители, Сириза беше во водство пред конзервативците кои го поддржуваа меморандумот со 16 до 20-процентни поени. Според анкетите спроведени веднаш по оставката на Ципрас, разликата меѓу Сириза и Нова демократија се намали дури до 2 до 3-процентни поени. На изборите во јануари годинава Сириза освои 36 отсто од гласовите.

Трета според популарноста со 6,5 отсто е неонацистичката Златна зора, чие дело како злосторничка организација сé уште треба да се разгледува во судот.

Во парламентот би влегла и новата партија чии пратеници излегоа од Сириза, а ја води поранешниот министер на Ципрас за енергетика, Панајотис Лафазанис. Фракцијата именува како Национално единство има поддршка од 3,5 отсто од гласачите.

Изборниот праг од 3 отсто нема да го надмине, пак, сегашниот коалициски партнер на Сириза, националистичката партија Независни Грци (Анел), на Павлос Каменос која добила 2 отсто доверба меѓу испитаниците.

Во парламентот ќе влезат, според споменатата анкета, Комунистичката партија на Грција (ККЕ) со 5 отсто од гласачите, социјалистите од Пасок со 4,5 проценти, паријата Потами (Река) има 4 отсто, а околу 3 проценти во анкетите добива Сојузот на центарот Василис Левентис.

Според ова истражување, Сириза нема да може самостојно да формира влада, а имајќи предвид дека Ципрас веќе најави дека нема да прави коалиција со Нова демократија, со Пасок и со Потами, може да остане без сојузниците во парламентот. Доколку другите партии коишто би влегле во парламентот не изразат желба да коалицираат со него.

Ципрас и натаму е најпопуларниот политичар во Грција и позитивно го доживуваат 41 отсто од испитаниците, додека новиот челник на Нова демократија, Вангелис Меимаракис има поддршка од 34 отсто од гласачите.

Меѓутоа, дури 64 отсто од испитаниците одговориле дека Ципрас згрешил со одлуката да оди на предвремени избори, додека 68 отсто од нив сметаат дека Грција мора да остане во еврозоната по секоја цена, па дури и доколку тоа претпоставува и нови мерки за штедење.

Ципрас настојуваше да се одржат избори во најкус можен рок, поради тоа што во септември и октомври веќе настапуваат мерките предвидени со договорот за новиот пакет помош. А бидејќи тој предвидува нови мерки за штедење, реформи на пензискиот, здравствениот и даночниот систем, нови даноци и приватизација, тоа може дополнително да ја намали изборната поддршка на Сириза. /крај/мф/сн