Изборниот штаб на Клинтон го обвини Трамп за финансиски врски со Русија

0
197

Изборниот штаб на кандидатката на Демократската партија за претседател на САД на изборите на 8-ми ноември, Хилари Клинтон, смета дека нејзиниот главен републикански противкандидат милијардерот Доналд Трамп има финансиски врски со Русија, изјави за американската телевизиска мрежа ABC, менаџерот на кампањата на поранешната прва дама и државна секретарка, Роби Мук.

„Се поставува сериозно прашање. Постои цела мрежа финансиски врски со Русите, за коишто тој (републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп – з.р.) одбива да зборува“, изјави Мук. Тој додаде дека е убеден оти њујоршкиот претприемач со недвижнини е под влијание на Москва.

„Видовме како се промени платформата на Републиканската партија. Слушавме како Трамп зборува за повлекувањето од НАТО и за тоа да се остават нашите сојузници во Источна Европа ранливи за нападите на Русија“, додаде Мук. Рече и дека „Трамп мора да ги открие деталите за сите свои финансиски врски, како и за тоа дали неговите помошници се среќавале со претставници на Кремљ“.

Натаму во разговорот за ABC еден од главните луѓе во кампањата на Хилари Клинтон, исто така, ја коментираше и оставката на шефот на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт, која беше објавена во петокот.

Американските медиуми претходно го обвинија Манфорт за лобирање за интересите на Киев во САД во периодот кога украински претседател беше Виктор Јанукович, кого прозападната опозиција го собори со голема помош на Западот, особено на Вашингтон.

„Би забележал дека Пол Манфорт беше принуден да поднесе оставка, но тоа не значи дека руската страна е истисната од актуелната кампања“, рече Мук кој тврди дека „Трамп добива поддршка“ од Русија.

Последните неколку седмици, претставниците на кампањата на Клинтон зачестија со изјавите дека Русија наводно се обидува да влијае врз резултатот од ноемвриските претседателски избори во САД, но засега таквите тврдења не се поткрепени со докази или конкретни дејствија. Така, агенцијата ТАСС потсетува дека токму Мук на 24-ти јули изјави дека хакери „поврзани со Русија“ го извршиле кибернетичкиот напад врз серверите на Демократската партија за да му помогнат на Трамп, на што со иронија за „хорор приказни“ одговори портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков негирајќи каква и да вмешаност на официјална Москва.

На 10-ти август разобличувачкиот портал WikiLеаks повикувајќи се на своите „свиркачи“ објави дека новата стратегија којашто ќе ја примени кампањата Хилари Клинтон, ќе биде насочена на обвинувања кон Русија доколку се појават нови доверливи документи во врска со нејзината корумпираност. „Кампањата на Клинтон разработила нова ПР-стратегија. Сите следни откритија за корупција поврзана со неа, ќе бидат претставени како активности на Русија“, беше наведено на акаунтот на WikiLeaks на сервисот на микроблогирање Twitter.

Самиот Трамп, пак, на 31-ви јули, исто така, во интервју за телевизијата ABC изјави дека нема никакви деловни врски со Русија и оти никогаш не се сретнал со нејзиниот претседател Владимир Путин. „Немам никакви врски со Путин, никогаш не сум се запознал со него“, рече републиканскиот претендент на Белата куќа, додавајќи дека „Доколку нашата земја би можела да соработува со Русија, тоа би било одлично“.

На прашањето дали има инвестиции или долгови во Русија, Трамп кусо одрече. Притоа додаде дека пред пет години купил имот во Палм Бич на Флорида за 40 милиони долари, а потоа за 100 милиони долари му го продал на Русин, кого не го именуваше. „Дали би им продал имоти на Руси? Можеби. Јас се занимавам со тоа, имам многу недвижнини. Меѓутоа, немам воопшто никакви односи со Русија“, истакна републиканскиот кандидат за претседател на САД./крај/мф/сн