Избрани новите министри и заменици од ДУИ

0
566

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ денеска ги изгласаа осумте нови министри и четворица заменици министри што ги предложи лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Иако премиерот Емил Димитриев не се согласи целосно со кандидатите што ги предложи ДУИ, тој до Собранието ja достави комплетно истата кандидатска листа што претходно ја објави ДУИ. Димитриев претходно до Собранието достави предлог-листа за нови членови на Владата на која не беа имињата на Арлинд Зеќири, министер без ресор и Беким Максути, заменик министер за одбрана. Сепак, од ДУИ инсистираа да биде избран комплетниот тим предложен од Ахмети, поради што Димитриев со еден час задоцнување до Собранието достави нов предлог со 12 претставници на ДУИ.

Според пратеникот од ДПА, Имер Алиу, денеска не беше избран нов владин тим, туку се констатира неуспехот на тие што претходно биле на овие места. Во изминатите девет години, владеењето на ДУИ, според Алиу, го одбележало крадење, корупција, лично збогатување и неисполнување на ниту еден интерес кој оди во прилог на Албанците.

Во името на пратеничката група на СДСМ, пратеникот Петре Шилегов порача дека опозициските пратеници нема да гласаат за новите министри на ДУИ. Тој го праша премиерот Димитриев што го премислило за да го дополни предлогот со уште двајца кандидати кои претходно му биле спорни. „Крокодилските солзи на ДУИ не можете да ги исперете со еден говор. Зад вас има девет години силно коалицирање. ДУИ беше сведок, но и соучесник во партизирање на државните институции, на партизација на судството“, додаде Шилегов.

На ваквиот говор реплицираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој оцени дека Македонија повеќе од една година се наоѓа во политичка тензија создадена од маргиналци кои не можат да живеат без уцени, закани и уништување на човечки животи.