Изгубивме неповратни средства, а ќе се задолжуваме со скапи кредити!

0
428

Владата своевремено се фалеше дека Европската Комисија ги зголемила средствата за ИПАРД програмата. Но, кога од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството велат дека вкупниот фонд од ИПАРД 2 изнесува 60,3 милиони евра, тогаш очигледно е дека Брисел скратил 46 милиони евра од европските средства, вели Лидија Димова од СДСМ во интервју за Фактор. Освен европските пари  за земјоделците, кои се претходно скусени, сега Брисел со образложение дека Владата нема политичка волја да направи реформи, скуси уште 100 милиони евра, од кои најголемиот дел се за финансирање на Коридорот 8.

Фактор: Европската комисија веќе ги намалила средствата од ИПАРД II програмата за Македонија, поради проблеми при искористувањето на ИПАРД I програмата? Зошто има слаба искористеност на парите?

Димова: Има повеќе причини, а ќе ги набројам најважните. Прво, тоа се лошо испрограмирана Оперативна програма за рурален развој 2007-2013. Не толку од гледна точка на квалитет, бидејќи е квалитетна, туку од гледна точка на процесот. Имено, програмата се правеше во канцелариите на министерството наместо заедно со засегнатите страни, особено земјоделците и банките. Корисниците на програмата и ден денеска не знаат ништо за програмата. Конечната верзија на програмата, иако е од 2007 година, и има околу 700 страници, таа не е преведена на македонски јазик, а камоли на албански. Нашите земјоделци, за жал, не знаат англиски. Овој документ ги опфаќа сите финансирања што ќе се случуваат во периодот 2007-2013 и ако беше навремено промовирана меѓу земјоделците, тие ќе можеа да се подготват благовремено.

Второ, слабиот административен капацитет на вработените во Агенцијата и тоа од неколку гледни точки. Прво, се прима на работа партиски кадар кој бара подолго време за обучување. Второ, има случаи кога се вработува и несоодветен кадар (пример, политиколози за земјоделски експерти). Трето, откако ќе се обучат кадрите, партијата (ДПМНЕ) ги вади од Агенцијата и ги преместува на други места, најчесто во јавните претпријатија – особено пред избори – зашто таму се покорисни за партијата и воопшто не се секира за земјоделците, а ниту пак за угледот на државата во Брисел поради неискористеноста на европските средства.

И трето, лошо испланирани и реализирани човечки ресурси. Владата планира работни места во Систематизацијата, а ЕК прави Анализа на обемот на работата (Workload Analysis), што е дел од процесот на акредитација на Агенцијата. Сепак, и покрај темелното планирање, не се пополнуваат овие работни места. Последната анализа го покажува дека од вкупно 132 работни места предвидени за непречено работење на Агенцијата, пополнети се само 81 место, додека 51 работно место е непополнето (според Анализата на обемот на работата), односно 98 според Систематизацијата. Слична е состојбата и со Националниот фонд кој е дел од оперативната структура на Агенцијата.